Со хермелини, хеликоптери и ер трактори, од копно и од воздух се гасне пожарот кој денес избувна пожар во дворот на компанијата Ф-Групација, каде е складиран електронски отпад и батерии. Гаснењето се одвива во мошне тешки услови поради густиот и непроѕирен црн чад, кој се гледа од сите делови на Скопје, кој ја попречува видливоста.
Засега нема информации за тоа колкаво количество на отпад гори и каква штета е направена. Според информациите објавени на социјални мрежи, во близина на пожарот се слушале и повремени послаби експлозии.
Стојанче Спасов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување денес, од терен на скопската депонија Дрисла, каде веќе неколку дена се превземаат вонредни мерки за гаснење на депонискиот пожар, во врска со пожарот во Трубарево за медиумите изјави дека „ се работи за сериозен пожар, тежок за гаснење. Воедно побарав веднаш да се упатат неколку БТР-и и хермелини на Дирекцијата за заштита и спасување, од кои еден веќе е на пат кон Трубарево“, рече Спасов
„Гори рециклаторен центар, соработник на НУЛТА ОТПАД, инаку оваа компанија е овластена за преземање на литиум јонски батерии од апарати и возила, како секаков електронски отпад“, објавија од Шанса за Центар. „Треба да се знае кога горат литиум- јонски батерии најтоксична супстанца која се ослободува е хидроген флуорид (HF), која може да предизвика тешки нарушување на здравјето доколку е во затворен или полузатворен простор. Според европската Агенција за хемикалии (ECHA) HF е класифициран како многу токсичен, корозивен и опасен за здравјето дури и при ниски концентрации. Покрај HF, при горење на батериите гори и електролитот кој е внатре како и пластиката и амбалажата во која се спакувани. Од нив дополнително се ослободува јаглерод диоксид (CO₂), јаглерод моноксид (CO), соединенија што содржат хлор, азот, сулфур и ред други соединенија кои не се нетоксични“.
Кога гори електронски отпад во кој многу често има печатени плочки, пропратна пластика и други материјалот како олово (Pb), кадмиум (Cd), хром (Cr), никел (Ni), бакар (Cu) и цинк (Zn) со горењето се создаваат соединенија кои ги содржат овие елементи. Дополнително литиум-јонските батерии при горење развиваат многу високи температури (од 800- па до 1600 степени зависно од јачината) дури прават и мини експлозии, истакнуваат од здружението.
Отпад надвор од населени места веднаш, апелираат од О2 Иницијатива. „Складиште за електронски и електричен отпад, за сега идентификувано на Нула отпад, сместено во ШТАЛА! Како Кочани дискотеката! И тоа во населена улица! Добро, бе, има ли некој нормален во државава!?!“, прашуваат од граѓанското здружение. Според информации до кои дошле од О2 Иницијативата, фирмата се наоѓала во некогашни штали на АД ЗИК СКОПСКО ПОЛЕ Трубарево, кои ги дал под кирија наследник. „Има ли некој што спроведува стандарди, почитува правилници!?!“, прашуваат тие.
Од компанијата Нула Отпад на социјални мрежи ја демантираа информацијата дека во нивен објект се случува пожарот во Трубарево.
„Нула Отпад како колективен постапувач кој го организира системот на собирање на отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, не поседува отпад ниту фабрика за пластика, фабрика за акумулатори или било каков отпад во Трубарево,“ стои во демантот.
Од компанијата додаваат дека, според информациите со кои располагаат, станува збор за пожар во рециклаторен центар кој е нивен соработник.