Фудбалот одамна не е само спорт, туку глобална индустрија во која се вртат милијарди – од трансфери на играчи, спонзорства и телевизиски права, маркетинг, продажба на билети… Големите европски клубови функционираат како корпорации, со буџети повисоки од касите на некои државни министерства, со играчи што вредат колку и добро разработени компании.
И во македонскиот фудбал се врти по некоја пара, но далеку е од европските и светски норми. Најубавата споредна работа во Македонија е сместена на спореден терен. Се игра пред речиси празни трибини, клубовите егзистираат со незавидни буџети, а познавачите коментираат – повеќе со импровизација отколку со стратегија.
Во амбиент во кој освен тимовите и управите на клубовите, за натпреварите се интересираат само најзапалените и не многу бројни клупски навивачи, минатата година имало заеднички приходи од 11,56 милиони евра. Поделено со 25-те клуба, регистрирани како акционерски друштва и друштва за спортски дејности (за кои има податоци во базата на Бизнис Мрежа), излегува дека, во просек, секој од нив имал промет од 462,3 илјади евра. Навистина, во однос на 2023 година, има раст од 2,34 насто. Тоа може да се смета како добра вест. Лошата е поврзана со заедничката добивка, која е речиси преполовена. Од прекланските 803 илјади евра, лани добивката била 416 илјади евра. Клупскиот просек е 16,6 илјади евра.
Бројот на вработени е зголемен од 336 на 355 лица (+ 5,65 %), а просечната исплатена плата бележи пораст на агрегатно ниво. Сепак, кога оваа сума ќе се распореди меѓу тие 355 вработени, се доаѓа до просечна плата од 23.100 денари во 2024 година (19.600 денари во 2023 година), што укажува на ниски примања.
Извор: Бизнис Мрежа
Во македонскиот фудбал сѐ се сведува на десет клуба. До тоа сознание Пари дојде преку анализата на нивните достигнувања. Наместо дадените и примените голови, се задржавме на приходите, добивките и бројната состојба на вработените, податоците со кои располага Бизнис Мрежа.
ФУДБАЛСКИОТ ПРВАК Е ШАМПИОН И СО ПРИХОДИТЕ
На страната од приходите – 82,5 насто од вкупните приливи на средства се регистрирани кај 10 клуба. Нивниот заеднички резултат е 9,5 милиони евра. Забележливо е дека кај пет од нив приливите се намалени.
Актуелниот првак на Првата македонска фудбалска лига – тетовска Шкендија, е лидер и на оваа табела, на која пласманот е според реализираните приходи во 2024 година. И покрај потфрлањето од над десет насто, ја задржува челната позиција со приход од речиси 2,5 милиони евра. Најверојатно, и ќе остане на врвот ‒ Шкендија влезе во групната фаза на Конференциската лига, што им носи сигурни 3,2 милиони евра. Понатаму, зависи како ќе се покажат на зелените терени – секоја победа ќе се наградува со 400 илјади евра, а нерешениот резултат ќе обезбедува 133 илјади евра.
Уште два клуба имаат приходи од над милион евра: Струга-Трим-Лум со износ од 1,53 милиони евра и со минус во однос на 2023 година од 5,18 насто; и кратовски Силекс, каде што намалувањето е за 5,54 насто.
Највисоката позитивна годишна промена од 84,3 насто се случила во струмичката Академија Пандев. Зголеменото полнење на приходната мрежа од 533,8 илјади евра (2023 година) на 983,8 илјади евра лани говори за агресивна стратегија и силна поддршка од трансфери и спонзорства.
Со импресивен раст од 75,48 насто и износ кој достигнал 830 илјади евра, можат да се пофалат и во Тиквеш 1930. Очигледно, кавадаречкиот клуб ја добива потребната поддршка од локалната заедница.
Понатаму, на оваа табела се битолски Пелистер (со + 20,13 насто и со знаци на стабилизација), три скопски клуба и КФГ Гостивар, каде што приходите имаат солиден процентуален раст од 44,26 насто. Што се однесува до клубовите од главниот град ‒ Работнички бележи мал пад од 2,47 насто (637 илјади евра); Вардар успеал да оствари 500 илјади евра приход, но сè уште е само сенка на некогашната скопска гордост; а Шкупи со падот од 58,53 насто и со промет од 433 илјади евра е најголемиот губитник според динамиката на приливите.
Извор: Бизнис Мрежа
ЕДЕН КЛУБ Е СО ПРОФИТ ОД 254 ИЛЈАДИ ЕВРА, А ДЕВЕТ СО ВКУПНО 145 ИЛЈАДИ ЕВРА
Од аспект на добивката, во вкупната сума најдобрите 10 клуба зафаќаат 93,92 насто. Или, 25 фудбалски клуба имаат профит од 416 илјади, а 390,9 илјади евра им припаѓаат на 10 од нив. Тука има уште еден интересен податок. Во добивката на 25 клуба, Вардар со своите 245,4 илјади евра учествува со 58,99 насто, додека во профитот кај топ 10 со 62,76 насто. На едната страна е Вардар, а како противтежа е износот од 145,5 илјади евра, заеднички профит на Победа (49.800 евра), Борец 919 (26.300 евра), Беласица (15.800 евра), Башкими 1947 (15.000 евра), КФГ Гостивар (11.800 евра), Ренова (9.000 евра), Силекс (8.200 евра), Еуромилк ГЛ (6.500 евра) и Македонија Ѓорче Петров – 1932 (3.100 евра).
Иако со релативно скромни приходи, Вардар е неприкосновен во оваа конкуренција, но шампион во процентуалното на(т)фрлање на профитната топка е Македонија Ѓорче Петров – 1932. Со извонредни + 621,20 насто. Сепак, се работи за приземни реални износи: 430 евра во 2023 и 3.100 евра во 2024 година.
Од процентите може да се задоволни и во струмичка Беласица. За една година клубот успеал да одработи промена од + 218,61 насто.
Со освоените бодови на терените, Силекс е вицешампион во Првата лига, само што тој успех не соодветствува со поените кај добивката. Кратовци во својата финансиска статистика за 2024 година запишале минус 71,38 насто. Од прекланските 28.700 евра, профитот лани паднал на 8.200 евра.
Извор: Бизнис Мрежа
ДЕСЕТ КЛУБА – 282 ВРАБОТЕНИ
Десет клуба се издвојуваат и според екипираноста на работната сила. Во вкупниот број вработени, тие партиципираат со значителни 79,44 насто. Во нивните редови има 282 работно ангажирани лица.
Најголем работодавач меѓу фудбалските клубови е Шкендија: има 53 вработени со негативна годишна промена од 3,64 насто. Всушност, пад во овој сегмент се воочува и кај Силекс (‒ 8,57 %), Академија Пандев (‒ 20,59 %) и Шкупи 1927 (‒ 3,70 %).
Сериозни организациски амбиции, се чини според растот од 58,82 насто, има во редовите на КФГ Гостивар. Бројната состојба на вработените е зголемена од 17 (2023 година) на 27 вработени лани.
Извор: Бизнис Мрежа
Македонските фудбалери истрчуваат и играат и на европските терени. Освен реализацијата на добро осмислената стратегија, знаат дека голем дел од успехот зависи од финансиите. Колку пари – таква игра и резултати. Фудбалот се игра со топка, но и со бројки.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
ТИТУЛАТА ВО ЕВРА ЈА ДРЖИ РАБОТНИЧКИ – 989 илјади евра приходи во 2024 година