Рокот за изградба на сите три делници – Тетово-Гостивар, делницата Гостивар- Букојчани и Битола – Прилеп е 2029 година, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски синоќа за Сител телевизија. Очекувам за дел од нив да сме побрзи, најбрза очекувам да биде Битола – Прилеп, на која ставаме најголем фокус, иако е најдолга, со 40 км, додаде тој.
Николоски се осврна и на протестите на жителите на прилепското село Ореовец, кои го блокираат каменоломот во непосредна близина на нивните куќи. „Сите имотно-правни односи на таа делница се решени, останува само проблемот со оние “буџованите“ од Ореовец, тоа се група на сопственици на вили, кои блокираат пристап до наоѓалиштето од каде треба да се црпи материјал за изградба на автопатот бидејќи им се нарушувал мирот кога поминувале камионите“, рече Николоски и додаде: “Тоа нарушување на мир чини некаде околу 100-тина милиони евра, гледам партијата Левица се залепи на ова, па фер е да ги прашаме, како декларирани левичари како сакаат државата да потроши 100 милиони евра повеќе за некои буџовани да имаат раат, нели беа за заштита на работниците, а сега штитат буџовани“, праша Николоски.
Тој најави дека, сепак очекува дека наредната година да пуштиме сообраќај по новиот автопат во едната насока на патот Прилеп-Битола, а целосно да биде завршен во рамки на рокот.
Делницата Гостивар-Тетово, иако изгледа најлесен, всушност е најтежок, рече министерот, бидејќи има многу објекти кои треба да се дислоцираат, но и тој ќе биде во рокот, додека Гостивар-Букојчани, кој треба да ја заобиколува Стража, иако изгледа најтежок, добро оди прогресот и веќе имаме пробиено 18 километри.
Проектот за брзата пруга е почнат уште минатата есен, но во рамки на оваа една година го правиме најбитниот дел во еден проект кој што е најмалку атрактивен за јавност – а тоа е делот кој значи добро планирање, геотехнички истражувања, понатака, истражување за влијание врз животната средина, истражување за влијание во средината каде што живеат луѓето, археолошки наоѓалишта и така натака, порача вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
За брзата пруга истакна дека ќе чини околу 10 милиони евра по километар и додаде дека новата траса, која нема совпаѓање со постоечката пруга ќе биде и пократка од неа. „Цената по километар треба да е нешто под 10 милиони евра, што е релативно компетитивно, имајќи предид дека се работи за дупла двоколосечна пруга, што значи дека целиот проект некаде треба да чини околу 2 милијарди евра. Сегашната пруга од граница со Србија до граница со Грција е 235 километри, но новата, затоа што ќе користи една доста поправа линија, ќе е нешто под 200 километри“, рече Николоски.
Аналитика








