ПОВЕЌЕ

    Сингапур со моќен двоцифрен раст на домашната економија

    Време зa читање: 2 минути

    Сингапур забележа најсилен економски раст во последните 11 години во вториот квартал од оваа година, компензирајќи го најлошиот економски пад забележан една година порано, поради пандемијата со Ковид-19.

    Според прелиминарните проценки на Министерството за трговија и индустрија, оваа економија во Југоисточна Азија порасна за 14,3 проценти во вториот квартал од 2021-ва година во споредба со истиот период од претходната година.

    “Силниот раст главно е резултат на ниската компаративна основа во вториот квартал на 2020-та година, кога БДП-то падна за 13,3 проценти поради ограничувачките мерки воведени од 7-ми април до 1-ви јуни 2020-та година“, се вели во соопштението на Министерството, пренесува „CNBC“.

    Сепак, во споредба со претходниот квартал, економијата на Сингапур се намали за 2,0 проценти, соопшти Министерството, додавајќи дека нејзиниот БДП во апсолутна смисла во периодот од април до јуни годинава е сè уште за 0,9 проценти понизок отколку во вториот квартал на 2019-та година, пред пандемијата.

    Според претходните проценки на статистиката, производството на стоки во набљудуваниот квартал се зголеми за 22,2 проценти во споредба со претходната година, но се намали за 2,5 проценти во споредба со првиот квартал.

    Индустријата за услуги порасна за 9,8 проценти на годишно ниво, а квартално се лизна за 1 процент. Клучниот производствен сектор порасна за 18,5 проценти во споредба со вториот квартал од минатата година, додека падна за 1,8 проценти во споредба со претходниот квартал.

    Бројот на случаи со Ковид-19 во Сингапур започна повторно да се зголемува оваа година, принудувајќи ја владата да ги заостри мерките за социјално исклучување на почетокот на мај. Властите започнаа постепено олеснување на ограничувањата минатиот месец, откако беше регистрирано намалување на бројот на инфекции во земјата.

    Сингапур има една од највисоките стапки на вакцинација во светот, со повеќе од 70 проценти од приближно 5,69 милиони луѓе во земјата кои примија барем една доза од вакцината против коронавирусот, а над 41 процент се целосно имунизирани, додава „CNBC“, повикувајќи се на податоци од локално Министерство за здравство.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично