Државата ја остварува определбата за градење модерен и силен систем на јавните финансии со поддршка и партнерство од САД. Овој значаен сегмент се зајакнува во соработка меѓу Министерството за финансии, Трезорот на САД и Канцеларијата за техничка помош – ОТА. Реализираните и планираните активности беа претставени на настанот насловен „Зајакнување на институционалните капацитети: Одбележување наАнгела агелер соработката меѓу САД и Северна Македонија”, на кој воведни обраќања имаа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, вицепремиерот за политички систем, Љупчо Димовски, и амбасадорката на САД, Ангела Агелер.
„Денес сме собрани да ја одбележиме и истакнеме една од најзначајните и најконзистентните меѓународни партнерства кои ја поддржуваат нашата држава во унапредувањето на јавните финансии – соработката меѓу Министерството за финансии и Министерството за финансии на САД, преку нивната Канцеларија за техничка помош (US Treasury – OTA). Ова партнерство не е само поддршка, туку долгорочен процес на јакнење на институциите, зголемување на експертизата и создавање модерни системи кои ќе обезбедат предвидливи, одговорни и транспарентни јавни финансии”, посочи министерката.
Таа се заблагодари за поддршката и истакна дека партнерството помеѓу Македонија и САД во областа на јавните финансии не е административна соработка, туку долгорочна инвестиција во стандардите, институционалниот интегритет и транспарентноста. При тоа наведе дека програмите директно придонесуваат за поефикасни институции, подобро управување со ресурсите, намалување на ризиците и поголема заштита на граѓаните.
Важноста на поддршката што земјава ја добива во изминатите години ја истакна и вицепремиерот Димовски, кој рече дека техничката помош преку Трезорот на САД е од суштинско значење за модернизацијата на нашиот систем на управување со јавните финансии и овозможува подобра ефикасност, поголема транспарентност, подобра отчетност, како и воспоставување европски и меѓународни стандарди кои се неопходни за долгорочна фискална стабилност. Оцени дека тоа не се само технички и административни процеси, туку дека се темелни реформи кои влијаат врз довербата на граѓаните, врз довербата на инвеститорите, и врз нашата способност да градиме одржлива и стабилна економија.
Амбасадорката на САД нагласи дека оваа програма е втора најголема од ваков вид на Министерството за финансии на САД на глобално ниво и е фокусирана на пет клучни области: управување со јавните финансии, финансирање на јавниот долг и инфраструктурата, банкарство и финансиски услуги, буџетска отчетност и борба против економски криминал.
„Успехот на ова партнерство е потврда на нашата заедничка посветеност и на отворената, партнерска атмосфера што ја негува Министерството за финансии. Градиме посилни институции, воспоставуваме попаметно фискално управување и креираме појасни и поправични правила што им даваат сигурност на бизнисите и инвеститорите да ги прошируваат своите капацитети. Реформите ќе придонесат за диверзификација на изворите на финансирање, развој на пазарите на капитал и намалување на зависноста од надворешно задолжување. Секоја активност има директно влијание врз животот на бизнисите и граѓаните во Северна Македонија и во САД”, истакна Агелер.
Активностите се спроведуваа во секторите трезор, буџет и фондови, финансиски систем и во областа на даночниот и царинскиот систем. Целта е унапредување на структурата на буџетот со поголема транспарентност, зајакнување на надзорот над небанкарските финансиски институции, зајакнување со управувањето на јавниот долг и подобрување на пазарите на државни хартии од вредност и пазарите на капитал, како и подобрување на ИТ системите и сајбер безбедноста во Управата за јавни приходи и Царинската управа.
Аналитика








