На македонското индустриско производство му се случува континуран пад цела година, а тоа е загрижувачки податок кој може да ги измести макроекономските проекции.
Според Државниот завод за статистика индустриското производство во периодот од јануари до септември оваа година, во однос на истиот период лани е помало за 4,2 отсто. Во септември годинава, пак, споредено со септември 2023 има намалување од 7,9 проценти.
Индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен има најголем пад во однос на лани – 7,5 %, потоа секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 6,6 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има опаѓање од 10%.
Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во производство на пијалаци, текстил, облека, хемикалии и хемиски производи, на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, производство на производи од гума и производи од пластични маси, производство на метали, производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема и производство на мебел.
Според главните индустриски групи, производството во септември 2024 година, во однос на септември 2023 година, бележи опаѓање кај Енергија за 14,9 %, интермедијарни производи, освен енергија за 12,2 %, трајни производи за широка потрошувачка за 3,8 % и нетрајни производи за широка потрошувачка за 5,9 %, додека пораст бележи кај капитални производи за 2,4 %.
Падот на индустриското производство е многу негативен показател за земја како што е Македонија со степен на економски развој каде што индустријата, извозот и конкурентноста се основа за повисок економски раст и зголемување на стандардот на граѓаните.
За разлика од нас, богатите држави, кои издвојуваат десет пати повеќе во истражување и развој можат растот да го темелат на способноста на иновации и производство на нови софистицирани производи и услуги со голема додадена вредност.
Индустријата е многу важна за нашата земја и без нејзин развој ќе имаме уште поголеми проблеми со извозот, трговскиот дефицит, а понатаму и со буџетот и финансиската стабилност на земјата.
Една од причините што ја нагласуваат економските експерти за падот на индустријата е и нестабилноста на политиките, потоа политичките кризи кои влијаат на одлуките на бизнисмените за натамошниот развој на нивниот бизнис.