Комерцијална банка им ги додели штедните книшки на тројцата ученици од средното училиште „Васил Антевски Дрен“ од Скопје како награда за нивните есеи на тема штедење. Главниот финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, Маја Стевкова Штериева, им ги врачи штедните книшки со награден депозит од 6.000, 4.500 и 3.000 денари, соодветно, на Виктор Ристаноски, Деа Денковска и Ана Трпевска, кои по по повод Светскиот ден на штедењето – 31 Октомври ги напишаа најдобрите есеи низ кои ги пренесоа своите размислувања и сфаќања за потребата, предноста и начинот на кој младите треба да го прифатат штедењето како добра и корисна навика.
Директорката Штериева им ги честита наградите и им посака тие да бидат почеток на нивниот иден успех на полето на личните финансии, не само во професионалниот развој туку и во секојдневниот животот. Таа истакна дека е импресионирана од начинот на кој тие ја сфаќаат значајноста на финансиската писменост и очекува од нив да продолжат да освојуваат нови знаења и вредни искуства, кои ќе им помогнат да бидат успешни млади луѓе.
Директорката на средното училиште „Васил Антевски Дрен“ Тања Јовановска, ѝ се заблагодари на Комерцијална банка за соработката, а на своите ученици им посака да останат посветени на својот личен развој и да бидат горди што се наградени од компанија која важи за една од најуспешните во земјава.