Европската унија ќе ѝ воведе нови санкции на Русија за водењето војна против Украина, насочена кон нафтената индустрија на оваа држава, повеќе руски банки и оние кои се одговорни за дезинформации, изјави во вторникот највисокиот дипломат на ЕУ. „Работиме на шестиот пакет санкции, чија цел е повеќе руски банки да се исклучат од системот SWIFT, да се наведат актери за дезинформации и да се справиме со увозот на нафта“, рече во твит Џозеп Борел, шеф на одделот за надворешна политика во извршната Европска комисија на ЕУ.
Последната рунда санкции ќе влијае и на Сбербанк, главниот руски заемодавател, велат дипломатите, додавајќи го на неколку банки кои веќе се исклучени од системот за пораки SWIFT. Борел рече дека предложените мерки на Комисијата против Русија, која ја нападна Украина по копно, море и воздух на 24 февруари, ќе бидат претставени на одобрување до 27-те земји-членки на ЕУ.
Официјални лица рекоа дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се очекува да ги разјасни предложените нови санкции во среда и дека тие ќе вклучуваат забрана за увоз на руска нафта до крајот на оваа година.
Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот го извести Западот дека може да го прекине извозот и зделките како одговор на товарот од санкциите наметнати од ЕУ и САД. Ембаргото на руската нафта би ја лишило Москва од голем прилив на приходи, но постигнувањето договор за мерката ги подели земјите од блокот, кои се потпираат на Русија за 26 отсто од увозот на нафта.
Унгарија и Германија беа меѓу оние со резерва против ембаргото за нафта. Меѓу нивните грижи беше дека зголемените цени на енергијата ќе им наштетaт на економиите на ЕУ кои веќе се борат со инфлацијата.
Отпорот на забраната за увоз на нафта избледе во текот на изминатата недела, откако беше постигнат договор кој ќе понуди исклучоци за Словачка и Унгарија, изјавија дипломати за Ројтерс, наведувајќи ги двете земји кои се многу зависни од руската сурова нафта.
Земјите на ЕУ платиле повеќе од 47 милијарди евра на Русија за гас и нафта откако таа ја нападна Украина, објави истражувачката организација Центар за истражување на енергија и чист воздух.