По 350 денари за акција е подготвен да плати Сервис Петрол, за да стекне целосна контрола во скопската Фабрика Карпош. Фирмата која минатата недела стана мнозински сопственик, има намера да даде понуда за преземање.
„Согласно член 22 став 1 од Законот за преземање на акционерските друштва, ги известуваме сите акционери на Фабрика Карпош АД Скопје дека имаме намера да објаваме Понуда за преземање на целното друштво Фабрика Карпош АД Скопје по цена од 350 денари по акција“, наведено е во известувањето објавено на Македонска берза.
Според законските процедури, Сервис Петрол прво треба да добие дозвола од Комисијата за хартии од вредност, по што ќе може да ја официјализира, односно да ја објави Понудата за преземање.
Цената од 350 денари што имаат намера да ја дадат за акција издадена од Фабрика Карпош соодветствува со берзанската. Просечната цена, произлезена од последното тргување, регистрирано на 9 декември, е 350 денари. Досега оваа акција не го предизвикувала инвеститорскиот интерес. Во изминатите 52 недели се забележани само пет трансакции со вкупно истргувани 665 акции.
Компанијата има издадено 299.112 акции. На Сервис Петрол му преостануваат за купување 75.112 акции, за кои ќе плати речиси 26,3 милиони денари или над 427 илјади евра. Во минатонеделната блок-трансакција фирмата се стекна со 224.000 акции, во кои се вложени 62,72 милиони денари (над еден милион евра). Блокот е реализиран по единечна цена од 280 денари за акција.
Аналитика








