По неколку месеци забрзани поскапувања, цените во Македонија конечно покажуваат знаци на смирување. Според податоците на Државниот завод за статистика, во септември 2025 година животот во просек е 4% поскап отколку во септември лани. Истовремено, цените на производите што ги купуваме во продавници и пазари – таканаречените цени на мало – се 4,1% повисоки од минатата година.
Она што е најважно за граѓаните е дека во септември цените малку паднале во однос на август, за 0,2%, што значи дека потрошувачката кошница овој месец чинела малку помалку отколку во летниот врв на поскапувањата. Аналитичарите го толкуваат тоа како знак дека пазарот почнува да се смирува, откако во првата половина од годината најголем притисок врз цените создадоа енергијата, транспортот и храната.
Намалувањето на инфлацијата во септември е резултат пред сè на поевтинувањето во неколку клучни категории. Транспортот забележа пад од 3,3 %, што најмногу се должи на пониските цени на горивата и стабилизирањето на меѓународните транспортни трошоци. Цените во групата ресторани и хотели се намалени за 1,3 %, што е очекувано со оглед на завршетокот на туристичката сезона. Рекреацијата и културата се поевтини за 0,7 %, а скромен пад се забележува и кај облеката и обувките за 0,3 %, разновидните стоки и услуги за 0,2 % и храната и безалкохолните пијалаци за 0,1%.
Иако повеќето категории покажуваат стабилизација, дел од производите и услугите и натаму растат. Алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците бележат зголемување од 2,8 %, комуникациите од 1,8 %, мебелот, покуќнината и одржувањето на домаќинствата од 0,8 %, здравствените услуги од 0,4 %, а домувањето, водата, електричната енергија, гасот и другите горива од 0,3 %. Единствено групата образование останува на исто ниво како и во претходниот месец. Индексот на цените на мало во септември во однос на август изнесува 99,3, што дополнително ја потврдува месечната стабилизација на цените.
Споредено со септември 2024 година, индексот на трошоците на животот е зголемен за 4 %, додека индексот на цените на мало бележи раст од 4,1 %. Во споредба со август, кога инфлацијата изнесуваше 4,4 %, септемвриските податоци претставуваат мало, но значајно олеснување за домашната економија.
Посебно интересен е трендот кај угостителските услуги. Во периодот јануари–септември 2025 тие се повисоки за 5,2 % во однос на истиот период лани, а во споредба со декември 2024 растот изнесува 1,9 %. Сепак, во септември во однос на август нема промена – цените остануваат стабилни (0,0 %), што значи дека по серијата умерени порастите во првата половина од годината, секторот влегува во фаза на застој. Во однос на септември 2024, сепак, тие се 4,7 % повисоки, што покажува дека долгорочниот тренд на поскапување сè уште е присутен, но со забавено темпо.
Овој резултат носи извесен оптимизам и за домаќинствата и за бизнисите. Потрошувачите, кои со месеци се соочуваа со повисоки сметки за храна, транспорт и услуги, конечно гледаат малку полесен месец, додека угостителите и трговците можат да планираат есен со стабилни цени и поумерена побарувачка. За економијата во целина, септември носи сигнал на рамнотежа, по долг период на прилагодување на глобалните пазарни услови и локалните трошоци, инфлацијата почнува да се движи во насока на постепено смирување.