Илир Мемеди и Милан Кораќ би требало да се новите директори на М-НАВ, наместо досегашните Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски. Тоа е препорака од Владата до Надзорниот одбор на оваа институција. Паралелно со разрешувањето, Финансиската полиција врши проверки во Македонска навигација, бидејќи од Синдикатот на контролорите на летање беа изразени сомнежи за работењето на раководството и за спроведувањето тендери.
Ова се мерките што се преземаат по минатонеделниот упад во М-НАВ, кога беше натепан контролор и беше загрозена безбедноста на воздушниот сообраќај. Од Синдикатот побараа оставка на директорите. Со овој владин потег најавениот штрајк за утре се става во мирување, бидејќи се чека и официјално разрешување на раководството.
Инаку, на владината седница не било предложено разрешување и на третиот членот од Управниот одбор и директор на М-НАВ, Хасим Деари.
Проблеми во М-НАВ има веќе подолго време, а произлегуваат од инсистирањето на раководството да се вработуваат нестручни и непотребни кадри, на што жестоко се спротивставуваат од Струковиот синдикат.
Всушност, платите се основниот мотив за вдомување партиски кадри во Македонска навигација. Ова исклучително важно акционерско друштво во државна сопственост функционира со 304 вработени, според последниот тримесечен извештај за работа, кој се однесува за периодот јули-септември 2023. Од нив, стотина се контролори на летови, а другите се помошен персонал.
Во текот на тие три месеци вкупните трошоци за вработените изнесувале 235.013.283 денари, односно 3,82 милиони евра. Како што е наведено, за бруто-плати се издвоени 226.979.750 денари или 3,69 милиони евра. Значи, месечно – 1,23 милиони евра. Според грубата пресметка, месечната сума поделена со бројот на вработени, секој од нив чини по 4.049 евра – бруто.
Другите трошоци за вработените се прикажани со 8.033.533 денари/130,7 илјади евра. Исто така, исплатени се и авторски хонорари од 286.863 денари или речиси 4.700 евра „согласно договори за дело на 3 вработени во 2022 и во 2023 година“.
Како што е наведено во извештајот, во ставката останати услуги се реализирани повеќе средства од планираните, „во најголем дел заради потставката физичко обезбедување во износ од 882.051,00 денари“. И се појаснува – „по спроведена постапка согласно Годишниот план за јавни набавки за 2023 година, склучен е Договор со Агенција за обезбедување на имот и лица 2 СС ДООЕЛ Кичево“ (фирмата, главно, обезбедува институции каде што директорите се од ДУИ). Од аспект на случувањата, дадени се пари за отворени врати и непречен пристап на надворешни лица во контролата на летање и тепање на вработените.
Инаку, во третото ланско тримесечје во М-НАВ се обезбедени за 12,52 насто повеќе приходи од планираните. Како што пишува: од прелети на воздухоплови – за 12,35 проценти повеќе; од терминалните услуги на воздухопловна навигација 12,22 насто повеќе и кај останатите приходи плус 39,87 насто. Гледано низ конкретни бројки, биле планирани 441.077.513,18 денари или 7,1 милион евра, а реализирани се 496.300.069,81 денари, односно нешто над осум милиони евра.
Во М-НАВ има пари, но природата на работата налага и ред, дисциплина, високо ниво на стручност и професионалност, што се коси со сфаќањата на партиите.