Со силни емоции и очи полни среќа, 26-годишната мајка Теодора од Скопје ја раскажува својата приказна за мајчинството и најголемиот предизвик со кој се соочила во својот живот. Прва радост, прва бременост и прво искуство што ја направило најсилна и ќе го памети засекогаш.
ПРЕДВРЕМЕНО ПОРОДУВАЊЕ ВО 26. ГЕСТАЦИСКА НЕДЕЛА
Неочекуван пресврт се случил на 8 август, кога за време на попладневната дремка на Теодора ѝ прснал воденикот во 26. гестациска недела. Таа вели дека воопшто не чувствувала болки, немала контракции, ниту, пак, имала крвавење, така што со сопругот Кристијан веднаш се упатиле во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Теодора ја примиле на Одделот за гинекологија и акушерство каде што ѝ биле направени сите потребни иследувања. За нејзината бременост од почетокот се грижел д-р Никола Панчевски, специјалист гинеколог- акушер, кој веднаш по приемот ѝ објаснил дека треба да се хоспитализира, строго да мирува и да прими две дози терапија за предвремено зреење на белите дробови на плодот. Тој вели дека за време на хоспитализацијата била следена состојбата на фетусот, а кај мајката се следени сите маркери за воспаление. По навршување на полни 28 гестациски недели од бременоста, д-р Панчевски го завршил породувањето со царски рез и на свет го донел Петар, храбриот борец со тежина од 890 грама.
„Патешествието на моето раѓање во новата улога на мајка започна на 8 август со високо прснат воденик во 26. гестациска недела. На Одделот лежев две недели со препорака за строго мирување. Во текот на престојот ги примив двете дози за предвремено зреење на белите дробови на плодот. Имав голема надеж и цело време размислував позитивно. Мојата желба да станам мајка беше посилна од сѐ. Поддршката на моето семејство и мојот сопруг ми даваше сила, а вербата во д-р Панчевски и неговата стручност ги надминаа сите мои стравови“, вели Теодора.
За своето искуство со породување со царски рез, Теодора вели дека поминала одлично и имала лесно закрепнување. Добрата акушерска грижа од страна на докторот и медицинските сестри, нивната стручност и посветеност, трпение и целокупно следење на нејзината неизвесна состојба доведоа до успешен и позитивен исход.
„Како и секоја жена што се породила со царски рез имав болки првиот ден, но за мене тие болки не беа толку силни, колку што беше силна мојата желба да си го видам моето дете. Во тие моменти бев преплашена, не знаев дали моето бебе ќе биде ставено на апарати за дишење или не, но Петар дишеше самостојно. Бев пресреќна кога го видов, тој наплив на емоции не можам да го опишам. Многу сум им благодарна на доктор Антони Христовски, кој го водеше Петар од самото раѓање, на сите доктори неонатолози и сите медицински сестри од Одделот за неонатална интензивна нега, кои деноноќно се грижеа за нашиот Петар“, рече Теодора.
ПЕТАР СЕ РОДИ СО ТЕЖИНА ОД 890 ГРАМА
На Одделот за неонатална интензивна нега Петар беше примен со тежина од 890 грама, а по 56 дена престој си замина со тежина од 1800 грама. Д-р Христовски вели дека Петар сега одлично напредува.
„Петар беше примен на нашиот Оддел поради предвремено породување и ризик од РДС. Беше поставен во инкубатор и воден според современи принципи на интензивно лекување на новородените. Одлично напредуваше во тежина и дома си замина во општа добра состојба“, вели д-р Христовски.
За мајката Теодора, Петар е првата емоција во нивното семејство и причина што го разбудила мајчинството во неа.
„Како да имав кнедла во грло, која гребе на секое подголтнување, додека го гледав Петар како лежеше на Oдделот за неонатална интензивна нега. Сета убавина ти, дете мое, ја носиш во себе како твој најубав дар и твојата борбеност и елан за живот“, се реченицитe со кои Теодора ја завршува својата сторија за предвременото породување и станувањето мајка.
Малечкиот Петар е уште еден член на бројното NICU-семејство, кој со топлите прегратки на сестрите и докторите од Одделот за неонатална интензивна нега беше испратен дома.