Стапката на сиромаштија во Македонија во 2023 година изнесува 22,2 проценти. Без социјалните трансфери нивото би достигнало и до 40 проценти, односно тие мерки ја намалуваат стапката речиси за половина. Сепак, и со нивна помош, секој петти граѓанин живее со приходи пониски од утврдениот праг.
Ова го покажуваат лаекенските индикатори за сиромаштијата за 2023 година, кои Државниот завод за статистика ги пресметал врз основа на податоците од Анкетата за приходите и условите за живеење. Како што се наведува, основа за пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 проценти од медијалниот еквивалентен приход.
За домаќинство на самец тој праг е лоциран на 144.578 денари годишно, што е еднакво на 2.350 евра. И претпоставува дека своите дневни потреби лицето треба да ги намири со нешто помалку од 400 денари.
Пргот за четиричлено семејство од двајца возрасни и две деца е 303.614 денари годишно (4.936 евра). Тоа би значело дека месечно се располага со 25.300 денари, а дневно со околу 832 денари. За храна, сметки, облека, превоз…
Сиромаштијата најмногу ги погодува децата и жените. Статистичките податоци укажуваат дека кај малолетните лица до 17 години стапката достигнува 30 проценти, додека кај возрасната популација (18-64 години) е 20,5 проценти, а кај постарите лица над 65 години е 19,2 проценти. Генерално, жените се под повисок ризик (22,5 проценти) во споредба со мажите (21,9 проценти).
Најранливи се невработените потврдуваат и бројките во сегментот економска активност, кај кои има големи разлики. Додека меѓу вработените сиромашни се 8,4 проценти, кај невработените оваа стапка достигнува дури 47,5 проценти. Најдобростоечки се пензионерите, односно најмалку се подложни на ударот од сиромаштијата. Конкретно, вели статистиката за 2023 година, стапката на сиромаштија меѓу пензионерите е 11,3 процнети. И тоа, кај мажите е 16 проценти, а кај жените 4,5 проценти.
Од аспект на типот на домаќинствата, сиромаштијата е најизразена кај многудетните семејства, или како што се категоризирани – со двајца возрасни и три и повеќе издржувани деца. Овде стапката е високи 48,9 проценти. Со 45 проценти следуваат самохраните родители. Кај домаќинствата, пак, со тројца и повеќе возрасни, стапката на сиромаштија е најниска, измерени се 10,1 процент.
Кај индикаторите за сиромаштија и социјална исклученост, наведена е нерамномерната распределба на приходите според S80/S20 квинтилен, која покажува дека најбогатите 20 проценти од населението имаат 5,6 пати поголем приход од најсиромашните 20 проценти. Овој податок ги нагласува постојните економски разлики меѓу различните слоеви на населението, а коефициентот на Џини од 30,3 проценти упатува на умерена нееднаквост во распределбата на приходите.