ПОВЕЌЕ

    СЕДУМКА НА ЛОТО ДОБИ ДРЖАВАТА – Ланскиот профит од државното „Коцкање“ е 27,4 милиони евра!

    Време зa читање: 4 минути

    АНАЛИЗА: Колку државни коцкарници има во земјава, кои се партнерите, како им оди бизнисот?

    Висината на 7-ката на ЛОТО по која граѓаните мечтаат, достигна 1,5 милиони евра. Но сепак, барем според одиграното, односно според уплатите, поголем интерес има за видео–игрите. Ова го покажуваат податоците за трите компании од дејноста обложувалници и игри на среќа во кои и државата е газда, за кои порталот Пари во соработка со Бизнис мрежа направи анализа на работењето во 2023 година. Годинава, пак, листата на партнери дражавно–приватни „коцкарници“ се зголеми за уште три, а колку ќе бидат успешни ќе покажат финансиските извештаи кои допрва ќе ги мерат нивните приходи и добивки.

    Ланското трио го сочинуваат: Лотарија на Северна Македонија која е 100 проценти во сопственост на државата, Државната видео-лотарија на РСМ – КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, во сопственост на Државната лотарија на С. Македонија и на Касинос Аустриа Интернационал Македонија и Друштво за организирање електронски игри на среќа – Нова државна видео-лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје, во која косопственик се јавува „ХТЛ Македонија“, фирма ќерка на австрискиот гигант во игри на среќа „Новоматик“.

    ВО ЛОТАРИЈА И ВО ВИДЕО-ЛОТАРИЈА УПЛАТЕНИ 108,9 МИЛИОНИ ЕВРА

    Во касите на Државна лотарија на С.Македонија и во Државната видеолотарија на РСМ – КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје лани нашите граѓани оставиле 108,9 милиони евра. Нова државна видео лотарија со приход од 1.000 евра нема никакво влијание. Ако се земе превид дека вкупниот приход на сите обложувалници и коцкарници во земјава лани бил 800 милиони евра, како што веќе пишуваше „Пари“, тогаш 13,6 отсто од парите што ги оставиле граѓаните се во државната лотарија и видео-лотарија.

    Заедничката добивка на Државна лотарија на С.Македонија и во Државната видео-лотарија на РСМ – КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје била 27,4 милиони евра. Дефинитивно – сериозен профит, ако се анализира соодносот меѓу приходот и чистата заработка.

    Нова државна видео-лотарија немала добивка.

    Добивки и приход во 2023 година на компаниите со државна сопственост

    Извор: Бизнис Мрежа

    АД Државна лотарија на РСМ  е основана  на 29 декември 2008 година. Кога се игра лото, бинго, кога се купуваат инстант лозови парите одат во Државната лотарија. Минатата година на тој начин биле собрани 18,8 милиони евра. Кога ги исплатила добивките и трошоците за своето постоење, на Државната лотарија и останале 7,9 милиони евра.

    Државна видео-лотарија на Македонија – Касинос Аустриа ДОО Скопје (ДВЛМ) е трговско друштво со ограничена одговорност за приредување игри на среќа, во заедничка сопственост на Државна лотарија на С.Македонија и Касинос Аустриа Интернационал Македонија. Основната дејност на друштвото е организирање и приредување електронски и интернет игри на среќа, пред сè за граѓаните на Република Северна Македонија. На интернет игри на среќа, преку овој официјален приредувач, граѓаните во 2021 година вложиле дури 90,1 милиони евра. Ова на компанијаат и донело дури 19,5 милиони евра добивка!

    Нова државна видео-лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје беше формирана во април 2023 година во партнерство со „ХТЛ Македонија“, која веќе е етаблирана на овдешниот пазар. Австриската компанија „Новоматик“, преку својата македонска фирма „ХТЛ Македонија“ ги поседува „МА Гаминг“ и „Мастербет“, кои имаат лиценци за автомат клубови во земјата. Едната ги поседува коцкарниците „Астра“, а другата „Адмирал“. Преку македонската фирма „Макотен“, австриски „Новоматик“ ги поседува лиценците за казината во скопскиот хотел „Мериот“ и во хотелот „Фламинго“ во Гевгелија. „Новоматик“ е познат во јавноста и по поврзаноста со поранешниот еврокомесар за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, кој едно време беше нејзин директор.

    ГОДИНАВА ДОБИВМЕ УШТЕ ТРИ КОЦКАРНИЦИ СО ПРЕФИКС „ДРЖАВНА“

    Во јануари Државната лотарија си доби три нови партнери за игри на среќа.

    „Државна лотарија – Моззарт“ ДОО Скопје се регистрираше на 5. јануари. Партнер е МОЗЗАРТ ДОО Белград (Палилула).

    На 18 јануари годинава се основаше „Државна лотарија – Везув“ ДОО Скопје, каде што партнер е „Везув МК“ ДООЕЛ, фирма ќерка на црногорскиот „Везув“.

    Компанијата за онлајн обложување која го носи името „Државна лотарија – 77 Битс Битола“, е регистрирана на 9 јануари. Партнерството е со „Телематик интерактивна Бугарија“, фирма која доби тендер за добивање право на извршување онлајн обложувачка активност организирана од Државна лотарија на Република Северна Македонија.

     

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично