ПОВЕЌЕ

    Седумдневни благајнички записи и камата од 4 %: НБ ја воведува новата оперативна монетарна рамка

    Време зa читање: 4 минути

    Народната банка од денес ја воведува новата оперативна монетарна рамка со цел поефикасно пренесување на монетарните сигнали кон пазарот на пари и зајакнување на трансмисискиот механизам. Со скратување на рочноста на основниот инструмент на седум дена, централната банка обезбедува подиректно влијание врз краткорочните каматни стапки. Истовремено, се подобрува управувањето со ликвидноста во банкарскиот систем, без промена на општата поставеност на монетарната политика.

    Каматната стапка на благајничките записи е 4 насто. На аукцијата на благајнички записи што се одржава денес, понудата е во износ од 43 милијарди денари, а понудата на наредните аукции ќе се утврдува согласно проектираната промена на ликвидносната позиција на банкарскиот систем на неделна основа. Со тоа, НБРМ се усогласува со развиените централни банки, нагласи гувернерот Трајко Славески.

    „Новата оперативна поставеност превидува еден основен инструмент – благајнички записи со рочност од 7 дена, со каматна стапка околу која е поставен симетричен коридор на каматните стапки. Оба, за разлика од претходната поставеност, кога како основен инструмент се користеа благајнички записи со рочност од 42 односно 49 дена и беше применуван асиметричен коридор на каматни стапки. Овој коридор е дефиниран преку каматната стапка на расположливиот депозит преку ноќ и каматната стапка на кредитот преку ноќ во висина од плус-минус 0,5 п.п. од каматната стапка на благајничките записи како основна каматна стапка на Народната банка“, образложи на прес-конференција гувернерот Трајко Славески.

    Според него, организацијата на оперативната рамка и нејзиното усогласување со најдобрите стандарди на модерните централни банки е процес што траел подолго време. Внимателно е обмислен и има за цел да овозможи натамошно подобрување на ефективноста на монетарната политика.

    „Скусувањето на рочноста на основниот инструмент на седум дена овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари, врз кои централната банка има подиректно влијание“, посочи Славески.

    Воедно, наведе дека Народната банка ќе ја одреди големината на понудата на седумдневните благајнички записи така што ќе обезбеди повлекување на вишокот ликвидност и оптимизација на ликвидноста во банкарскиот систем.

    „Банките и понатаму ги имаат на располагање депозитите и кредитите преку ноќ заради управување со краткорочните ликвидносни промени. Сите овие промени го зајакнуваат сигналниот ефект на монетарната политика и трансмисискиот механизам“, нагласи гувернерот.

    Промените треба да придонесат кон одржлива стабилност на девизниот курс и во областа на цените:

    „Се очекува дека неодамнешните измени кај задолжителната резерва, затегнувањето на макропрудентните мерки во делот на критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка како и тие поврзани со управувањето со системските ризици ќе обезбедат дополнителна поддршка за монетарната политика, а комбинираното дејство на овие мерки ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс и за обезбедување на ценовна стабилност на среден рок, како и за ограничување на потенцијалните системски ризици“.

    Монетарната политика ќе може да се нормализира доколку инфлаторните движења се стабилизираат, а платите не се зголемуваат со административни одлуки, смета Славески:

    „Доколку се задржат позитивните трендови на забавување и одржливо стабилизирање на инфлацијата во наредниот период, како и во отсуство на административни интервенции во утврдувањето на платите, Народната банка ќе реагира соодветно, во насока на натамошно нормализирање на монетарната политика“.

    Инфалзијата и стабилизацијата и натаму се во фокусот на монетарната политика:

    Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани претежно во надолна насока, што упатува на помали увозни ценовни притисоци во однос на претходните очекувања. Оттука, ризиците за идната динамика на инфалцијата и понатаму постојат, а се поврзани и со натмошната неизвесност во променливото надворешно опкружување, но и од домашни фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка“.

    Исто така, Славески истакна дека состојбата на девизниот пазар е стабилна. На крајот од ноември нивото на девизните резерви е 4,862 милијарди евра. Тоа, според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви, се оценува како соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута.

    М.А.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично