Близу 25 милиони евра добивка во текот на минатата година оствариле седум големи брендови на супермаркети во земјава, односно Веро, Кам, Тинекс, Кит-го, Киппер , Рамстор и Стокомак, покажуваат податоците на Таргет Груп. Истите овие седум ланци на маркети лани имале вкупни приходи од близу 570 милиони евра.
Веро маркетите во земјава во текот на минатата година направиле најголема добивка, во однос на останатите ланци на супермаркети, покажува анализата на „Таргет Груп“.
Со профит од 8,2 милиони евра направен лани, грчки Веропулос е на прво место по остварената добивка во однос на останатите супермаркети. Сепак, за разлика од 2018 година, компанијата бележи намалување на добивката за нешто помалку од еден милион евра. Низ рацете на 1.062 вработени колку што лани имало во компанијата се свртела сума од 83,5 милиони евра, што е зголемување на приходите во однос на претходната година.
Веднаш зад Веро, по однос на остварената добивка доаѓаат КАМ маркетите, кои се препознатливи за нашиот пазар по пониските цени на производите. Лани, успеале да направат добивка од 4,9 милиони евра, што е далеку поголема од добивките на Рамстор и Тинекс. Но, компанијата за една година успеала и да ја зголеми својата добивка за сума од околу 1,5 милиони евра.
На касите на овие маркети каде лани имало 950 вработени, се свртела сума од 149 милиони евра, што е далеку поголема од сумата која се свртела во Веро и останатите маркети. Односно токму во КАМ, лани се направени најголемите приходи, кои во однос на претходната година пак се зголемени за приближно 20 милиони евра. Но, освен приходите и добивката, компанијата за една година го зголемила и бројот на вработените за 101.
Во маркетите на ТИНЕКС на поранешниот градоначалник на Скопје, Владимир Тодоровиќ минатата година направен е профит од 2,9 милиони евра, но во однос на претходната има намалување на добивката за нешто помалку од 300 илјади евра.
Сепак, бројот на вработени е зголемен за 26, па лани имало 1.376 вработени со што компанијата важи за најголем работодавач во однос на останатите маркети.
Во Тинекс маркетите минатата година потрошувачите оставиле 92 милиони евра, односно толку изнесуваат приходите, кои во однос на претходната година имаа благ пад.
КИППЕР маркетите од Желино во текот на минатата година имаат добивка од 2,6 милиони евра,што во однос на претходната година покажува зголемување за еден милион евра. Во овие маркети од тетовско Желино лани работеле 499 луѓе а нивниот број е зголемен во одно на претходната година за 43.
Низ нивни раце се свртеле 58,5 милиони евра, колку што изнесуваат приходите лани, кои во однос на претходната година се зголемени за околу десет милиони евра.
КИТ- ГО штипскиот трговски ланец со домашен капитал, лани има профит од 2,4 милиони евра, што е повеќе од профитот што го прави турскиот бренд Рамстор. Компанијата која од локален бизнис прераснува во синџир на продавници во повеќе од 11 градови во земјава во текот на минатата година има и раст на добивката во однос на претходната година кога изнесувала 1,6 милиони евра.
Растел и бројот на вработени, односно за една година има нови 87 вработени. Па така, во оваа компанија лани работеле 837 луѓе, а низ нивни раце се свртеле 63,3 милиони евра, колку што изнесувале приходите на компанијата. Во однос на претходната година приходите се зголемени за околу девет милиони евра.
Во маркетите на РАМСТОРЕ, турски бренд на интернационални малопродажни супермаркети на Мигрос Тиџарет А.Ш што во земјава е распространет во најголемите градови лани е направена добивка од околу два милиони евра, што е мало намалување во однос на претходната година.
Бројот на вработени е зголемен за 21, односно лани тука работеле 729 луѓе а направиле приходи од 61,9 милиони евра. Ланските приходи во однос на приходите од претходната година бележат зголемување за нешто повеќе од еден милион евра.
Домашниот бренд Стокомак, чии маркети важат за продажба на производи со пониски цени лани имал добивка од 1,7 милиони евра и во однос на претходната година има благо зголемување на добивката.
Во маркетите на Стокомак лани работеле 399 луѓе и во однос на претходната година бројот е зголемен за нови 70 работници.
Во овие маркети лани се свртеле 61,1 милиони евра, и во однос на претходната година се зголемени за нешто повеќе од девет милиони евра.
Ланецот меркети под брендот на ЖИТО од Велес лани има добивка од 1, 9 милиони евра, додека ланецот АТЛАНТИЦ ТРАДЕ лани испорачала профит во износ од 815 илјади евра во бизнисот со трговија и дистрибуција на прехранбени бренд – производи.
Анализа податоци: „Таргет Груп“
Новинарска обработка: А.Д