Акции на 18 компании и на три банки, вкупно 3.693, се регистрирани во минатонеделните нетрговски трансфери. Сите се обични акции, а најбројни се издадените од „Алкалоид“.
Според податоците од Централниот депозитар за хартии од вредност, што се објавуваат на Македонска берза, акциите на шест друштва се подарувале во неколку наврати. Во статистиката, хартиите од вредност на „Алкалоид“ и на Комерцијална банка се појавуваат по три пати. Притоа, извршен е пренос на вкупно 1.205 акции на фармацевтската компанија: прво 305, па 200 и потоа уште 700. А, редоследот кај акциите на најголемата банка е 298, 200 и 30, или сѐ заедно – 528 обични акции.
Понатаму, на двапати се вршел нетрговски трансфер на акцииите од четири компании. Тука се „Гранит“ со 120 акции (20 + 100); „Македонски телеком“ со 600, односно дневно по 300; „Макстил“ со 256 (136 и 120); како и „Уготур“ со 11 и 9 обични акции.
Ако се оди според бројноста, се подарувале и наследувале по неколку десетини акции, со исклучок на „Либерти“ со 269 и на „АрцелорМиттал (ХРМ)“ со 211 обични акции.
Статистиката на нетрговските трансфери покажува дека нови сопственици имаат 75 акции на охридските „Хотели Метропол“, 34 на „Реплек“, по 32 на ЗК „Пелагонија“ и на „Окта“, 33 на тетовски „Тетекс“, 30 на РЖ „Услуги“ и по 25 на БИМ АД Свети Николе и на „Макпетрол“.
По осум обични акции на РЖ „Економика“ и на РЖ „Интер-Трансшпед“ се нетрговски трансферирани, а исто така и две од „Лотарија на Македонија“.
Сопственоста е променета и на 150 акции издадени од Стопанска банка Скопје, како и кај 30 обични акции на Стопанска банка Битола.
–