ПОВЕЌЕ

    Се намалува растителното производство – на удар јаболката, доматите, сончогледот…

    Време зa читање: 2 минути

    Сѐ помалку домати, краставици, јаболка… се произведуваат во земјава. Драстично е намалувањето токму на производите по кои Македонија е препознатлива во регионот и пошироко, а се губи и сончогледот, кој не така одамна го имаше третманот на култура од витално значење.

    Редуцирани се и одделни обработливи површини, кои се простираат на 514.375 хектари. Податокот е за минатата година. Државниот завод за статистика евидентирал намалување на овоштарниците и на лозјата. Кај првите за 2,5 проценти, односно од 16.852 хектари во 2022, лани опаднале на 16.423 хектари. Кај лозјата се работи за 4,6 отсто. Во 2022 година под лозови насади биле 23.425 хектари, а во 2023 – 22.353 хектари.

    Алармантно делува податокот – за повеќе од половина или за 51,2 проценти, е скратно производството на познатите македонски јаболка. За само една година статистиката забележала пад од 164.530 тони на 80.283 тони. Следни на удар се праските. Кај производството има пад од 12.311 на 6.157 тони, што претставува минусирање од 50 отсто.

    Падот кај производството на сливите е за 46,1 процент, од 39.512 тони во 2022 на 21.313 тони во 2023. Помалку ги има и крушите – за 41,2 отсто, односно од 10.327 на 6.075 тони.

    Кога во кризата го снема, па потоа енормно поскапе маслото за јадење, се споменуваше потребата од поголемо производство на сончоглед. И покрај тоа искуство, состојбите се влошуваат, па во текот на минатата година кај оваа култура има пад од 39,5 проценти. Од 9.833 тони, производството се спуштило на 5.950 тони.

    Намалувањето кај краставиците е за 34,3 проценти, од 48.190 на 31.657 тони. Производството на доматите, пак, за кои сите во регионот признаваат дека нема подобри од македонските, е „скинато“ за 23 отсто. Од прекланските 151.187 тони на 116.383 тони во 2023 година.

    Зголемување статистиката регистрирала единствено кај производството на ориз – за 5,4 насто или од 18.981 на 19.997 тони, и кај пиперките за 4,1 процент, од 237.624 тони во 2022 на 247.417 тони во 2023 година.

    Причини за намаленото производство има повеќе, но производителите најчесто посочуваат на иселувањето, на војната која го оневозможи извозот во Русија и Украина, на ниските откупни цени наспроти високите трошоци.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично