Поставен е камен-темелникот на продажниот маркет од синџирот „Лидл“ во Општина Аеродром, каде што ќе се изгради продажен салон од 1.200 квадратни метри, ќе биде обезбеден паркинг за 57 возила, а сето тоа ќе зафаќа површина од 3.438 квадратни метри. македонските производи на полиците и во регионот
Проектот е важен за македонската економија и за граѓани. Со оваа инвестиција, Македонија добива нова енергија, нови работни места и нова потврда дека сме вистинска дестинација за инвеститорите, изјави премиерот Христијан Мицкоски, додавајќи дека ова не се само бројки. „Тоа е порака дека компанијата влегува сериозно на македонскиот пазар, со визија за долгорочен раст и развој“.
Како што нагласи, особено е горд што идејата станува реалност, бидејќи „инвестиција се одолговлекуваше и беше заглавена, но токму по изборот на оваа Влада, пред неполни 15 месеци, веднаш се фативме за работа со цел да ги откочиме и ја ставивме меѓу првите приоритети“.
Мицкоски нагласи и дека Владата се залагала за поголема застапеност на македонските производи во маркетите на „Лидл“ и кај нас и во соседните земји.
„Особено ме радува што менаџментот на ‘Лидл’ ја прифати нашата забелешка за зголемување на застапеноста на домашното производство и македонските производи на полиците на ‘Лидл’. Тоа е од исклучителна важност – затоа што со тоа не само што се поддржува локалната економија, туку се гради доверба кај потрошувачите дека македонското е најдобро.
И втора добра вест којашто сакам да ја споделам е дека не само на полиците на ‘Лидл’ во Македонија се наоѓаат македонски производи, односно ќе се наоѓаат македонски производи, туку можам да кажам дека производи македонски се наоѓаат на полиците на ‘Лидл во околните земји. Во 2024 година извозот беше околу 5 милиони евра. Очекуваме оваа година, во разговор неформален со менаџментот на ‘Лид’“, таа бројка да достигне и 10 милиони евра и со време таа бројка да расте“, истакна Мицкоски.
Изградбата ќе се изведува по најсовремените меѓународни стандарди, со примена на еколошки градежни материјали, посочи извршниот претставник на „Лидл“, Милена Драгиска-Денчева
„Не дојдовме тука само да правиме бизнис, туку посветени сме на растот и на развојот и на подобрување на квалитетот на живот за сите граѓани, воедно и поддршка на локалните производители, чии производи веќе се пласирани на другите пазари на Лидл“, наведе Драгиска-Денчева, изразувајќи надеж дека со своето работење „Лидл“ ќе ја заслужи довербата на македонските потрошувачи и „можеби ќе станеме претпочитано место за пазарење“.