ПОВЕЌЕ

    СБ со нови повисоки проекции: Македонија со раст на БДП од 4,6%, лидер сo 10,8% во регионот ќе биде Црна Гора

    Време зa читање: 3 минути

    Светската банка (СБ) ја зголеми прогнозата за растот на БДП на Северна Македонија во 2021 година од 3,6 отсто на 4,6 отсто, благодарејќи на растот од 5,2 отсто во првото полугодие а по зголемената приватна потрошувачка, напливот од инвестиции и зголемената владина побарувачка во второто тримесечје.

    Светска банка ги ревидираше и проекциите за раст на останатите земји од регионот. И натаму лидер по раст се очекува да биде Црна Гора, за која СБ ја промени проекцијата на раст од 7,1 процент на 10,8 отсто стапка на раст на БДП во 2021 година.

    Во својот извештај за економиите на Европа и Централна Азија, Светската банка дава прогноза за брз развој и зголемена конкуренција по повлекувањето на Ковид-19 пандемијата. 

    За економијата на Северна Македонија се вели дека иако опаднала поради ударот од Ковид-19 во 2020 година, при што стапката на сиромаштија пораснала од 1 до 4 отсто, владините мерки за борба со неа помогнале и економијата го обновила развојот во 2021 година. 

    -Ова е помогнато од силната побарувачка однадвор и отворањето на приватната потрошувачка, се вели во извештајот. 

    Се додава дека се зголемиле извозот и увозот, со поголем увоз на штета на трговскиот баланс. Од СБ забележале и раст на производството во сите сектори, со оглед на минатогодишната ниска стартна позиција. Најбрза обнова е забележана во трговијата, транспортот и туризмот, како и во фабричкото производството и информатичко-комуникациските технологии. 

    -Економскиот развој на земјата во 2021 година се очекува да отскокне до 4,6 отсто, до стапка на развој забележана пред ширењето на пандемијата. Почетниот показател е заснован на претпоставката дека стапката на вакцинација ќе продолжи, нема да има понатамошни карантини, увереноста на потрошувачите и инвеститорите останува висока, а надворешната побарувачка продолжува, велат од СБ.

    СБ прогнозира развој и постепена стабилизација на нашата економија и во 2022 година со раст на БДП од 3,7 отсто, додека сиромаштијата да продолжи да се намалува во 2021 и годината потоа. 

    СБ очекува и постепено намалување на фискалниот дефицит по најновите планови на Владата за зголемени капиталните инвестиции. На среднорочен план јавниот и државно гарантираниот долг е прогнозиран до 2023 година да се зголемува до 65 отсто од БДП . 

    -Со продолжителната обнова на економијата властите ќе треба да го засилат исполнувањето на даночните обврски, да го реструктуираат и приоретизираат трошењето, да ги решат долгорочните пречки во развојот и да го подобрат менаџирањето на јавните финансии. За да се интензивира развојот земјата треба да го насочи вниманието на изведба на структурни и институционални реформи, се вели во извештајот на СБ. 

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично