„Единство“ АД Струмица е во целосна сопственост на Сашко Кузманов. За ова од компанијата информираат преку Македонска берза со известување за исходот од понудата за преземање.
Понудата за преземање не била прифатена од „ниту еден имател на обични акции од АД Единство – Струмица, со право на глас изгласени од друштвото“, пишува во објавата. Сепак, се смета за успешна затоа што не бил утврден прагот, односно најмалата количина која треба да биде прифатена за понудата за преземање да се смета за успешна.
Претходно, неговата понуда доби решение за утврдување на успешноста од Комисијата за хартии од вредност.
„Во понудата за преземање не беше утврден праг на успешност, односно најмала количина која треба да биде прифатена за понудата за преземање да биде успешна. Инаку, понудата за преземање се однесуваше на сите акционери кои поседуваат акции, и тоа 7.734 обични акции со право на глас издадени од Единство АД Струмица, освен на 17.232 обични акции со право на глас кои веќе ги поседува преземачот Сашко Кузманов и 15.431 обична акција кои ги поседува акционерот Иљо Кузманов, кој е семејно поврзан со преземачот и дејствуваат заеднички“, наведуваат од КХВ.
Исто така, и од Македонска берза информираа дека струмичко „Единство“ е избришано од Листата за набљудување.
„Ве известуваме дека на 03.10.2023 година Берзата изврши бришење на издавачот Единство АД Струмица од ‘Листата за набљудување’ што се објавува на веб страница на Берзата, поради тоа што е завршена понудата за преземање на друштвото од страна на преземачот Сашко Кузманов.
Единство АД Струмица беше внесен на 17.07.2023 година на ‘Листата на набљудување’ согласно 61-а од Правилата за котација, поради објавена намера за објавување понуда за преземање на друштвото од страна на преземачот Сашко Кузманов“.
Како што објавија од КХВ на крајот од август, Сашко Кузманов ги презема хартиите од редност по цена од 80 денари за акција. Тоа значи дека за 7.734 обични акции, кои претставуваат 19,14 отсто од акционерскиот капитал на компанијата и беа е во рацете на 60 помали акционери, платил вкупен износ од 618.720 денари, односно десет илјади евра.
„Единство“ произведува наменски – униформи за полиција, војска, за железници, пошти, банки, а има и производен школски програм. Се работи за машки и женски панталони и сако, а како специјалност се посочува изработката на производи од Горeтекс технологија. Производите се наменети за домашниот, но се извезуваат и на странски пазари.
Сашко Кузманов е генерален директор и претседател на Управниот одбор, во кој членуваат Димитар Поповски и Александар Поповски. Надзорниот одбор, пак, е во состав Иљо Кузманов, Живко Поповски и Милан Кузманов.
Како што пишува и во објавата на КХВ, таткото Иљо Кузманов е акционер кој поседува над пет отсто од акциите. Синот, пак, поголемиот дел од акциите ги купил во јули. Тогаш станал сопственик на 38,19 проценти од акциите. Всушност, го купил целиот пакет кој претходно го поседувал Димитар Поповски.
Инаку, „Единство“ постои од 1966 година, а формирано е од група граѓани како Задруга за шивачки услуги и промет со готови текстилни производи.
Податоците достапни на Македонска берза покажуваат дека компанијата повеќе има подеми отколку падови. Последниве години бележи раст на приходите од продажбата – за 7,82 насто лани и за 9,16 проценти во 2021. За разлика од ова, во 2022 има минус од 55,21 процент. Лани оперативната добивка изнесувала речиси 59 илјади евра, но добивката по оданочување е мала – 48.000 денари.
Извештајот за работењето во првата половина од годинава бележи оперативни приходи од 447 илјади евра, оперативни расходи од 1,8 милиони евра, оперативна загуба од 1,3 милиони евра.