ПОВЕЌЕ

    Резултатите во 2023-та година под негативно влијание на еднократните настани, оваа година се очекува нормализирање на работењето

    Време зa читање: 6 минути

    Ревидиран годишен извештај на Групација Триглав и Заваровалница Триглав за 2023-та година

    Надзорниот одбор на Заваровалница Триглав го потврди ревидираниот годишен извештај на Групација Триглав и матичната компанија за 2023-та година. Во 2023-та година, групацијата го зголеми вкупниот обем на работа за 12 проценти, на 1.780,2 милиони евра, ја задржа финансиската стабилност, високата адекватност на капиталот и водечката пазарна позиција во регионот Адриа. Под влијание на негативни еднократни настани, деловниот резултат на Групацијата пред оданочување изнесува 21,1 милиони евра, а нето деловниот резултат 16,3 милиони евра. Во 2024-та година, Групацијата планира да го нормализира работењето во согласност со стратегијата. Управниот и Надзорниот одбор на Заваровалница Триглав на овогодинешното собрание на акционери ќе предложи исплата на дивиденда во износ од 1,75 евра бруто по акција, односно вкупен износ од 39,8 милиони евра. Предложената дивиденда им гарантира на акционерите дивиденден принос од 5 проценти.

    Во 2023-та година, Групацијата Триглав го зголеми вкупниот обем на деловно работење за 12 проценти на 1.780,2 милиони евра преку сеопфатна имплементација на стратешките насоки. Во поволни услови на финансиските пазари, постигна добар инвестициски резултат и позитивна друга сеопфатна добивка и успешно работеше во областа на управувањето со средства. Во осигурителниот дел од бизнисот, на нејзините резултати негативно влијаеше регулираната цена на дополнителното здравствено осигурување во Словенија и историски голема маса на штети. Тоа се одрази во комбинираниот количник на неживотното и здравственото осигурување, кој што достигна 101,6 отсто. Во овие предизвикувачки услови, Групацијата постигна деловен резултат пред оданочување од 21,1 милиони евра, додека нето деловниот резултат изнесуваше 16,3 милиони евра.

    Групацијата успешно ја задржа финансиската стабилност и високата адекватност на капиталот од 200 проценти. Извештаите, кои што даваат детални информации за солвентноста и финансиската состојба на Групација Триглав и матичната компанија се достапни на овој линк.

    Претседателот на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар, изјави: ,,Минатата година беше исполнета со многу предизвици, но успешно ја докажавме нашата приспособливост и издржливост, што ни беше овозможено преку нашиот робустен деловен модел. Ги задржавме нашата финансиска моќ и водечката позиција на пазарот во регионот, го зголемивме обемот на нашието работење и работевме профитабилно. Во 2024-та година, планираме да го нормализираме работењето во согласност со нашата планирана стратегија“.

    Во 2024-та година, Групацијата планира да има вкупен деловен обем од околу 1,6 милијарди евра, деловен резултат пред оданочување помеѓу 100 и 120 милиони евра и комбиниран количник во неживотното и здравственото осигурување од 95 проценти.

    Спроведување на дивидендна политика. Управниот и надзорниот одбор на Заваровалница Триглав на овогодинешното собрание на акционери предлагаат исплата на дивиденда во износ од 1,75 евра бруто по акција и вкупно 39,8 милиони евра. Со предложената дивиденда, дивидендниот принос по моменталната цена на акцијата е 5 проценти. Се очекува на 26.04.2024-та година Заваровалница да го објави свикувањето на редовното годишно собрание на акционери, кое што е планирано за 04.06.2024 година.

    Стратегија на Групација Триглав и нејзините одржливи цели (ESG) Групацијата Триглав следи централна стратешка цел, т.е. извонредно и унифицирано корисничко искуство на клиентите, притоа работејќи безбедно и профитабилно. Систематски спроведува понатамошна дигитална трансформација, развива услужно ориентирани деловни модели и ја зајакнува својата организациска култура. Истовремено, промовира транзиција кон климатски неутрална економија и економија отпорна на климатски промени, ги следи високите стандарди на корпоративно управување, негува култура на различност, еднаквост и инклузивност и е тесно поврзана со општественото окружување.

    Годишен извештај на Заваровалница Триглав и Групација Триглав за 2023-та година. Кровната порака на годишниот извештај „Подготвени 365.“ ја сумира способноста на Групација Триглав и нејзината подготвеност постојано да одговара на променливите очекувања и потреби на клиентите, за кои се грижи речиси 125 години. Еднократните настани, што ја одбележаа 2023-та година, ја потврдија зголемената приспособливост на групацијата, што се огледува во проширувањето на дигитализираните и поедноставени сложени процеси и пофлексибилната организација.

    Интегрираниот годишен извештај на Групација Триглав и Заваровалница Триглав за 2023-та година е достапен на словенечки и на англиски јазик на веб – страниците https://letnoporocilo.triglav.eu/2023 и https://annualreport.triglav.eu/2023. Корисниците можат да го преземат официјалното издание во iXBRL или неофицијалната верзија во PDF формат.

    Групација Триглав на македонскиот пазар. Групација Триглав, во 2023-та година на македонскиот пазар работеше согласно стратешките насоки. Во доменот на неживотно, здравствено и животно осигурување оствари раст, а бруто полисираната премија изнесуваше 31,3 милиони евра. Со своите компании Триглав Осигурување и Триглав Осигурување Живот оствари пазарен удел од 13,4% и, како групација го зазеде третото место на пазарот, на кој што работат вкупно 16 осигурителни компании (11 во доменот на неживотно осигурување  и 5 во доменот на животно осигурување).

    Триглав Осигурување, и покрај предизвиците со кои што се соочуваше економијата во 2023-та година,  работеше успешно и ја потврди лидерската позиција со учество од 12,4% на пазарот на неживотно осигурување и 10,3% на целиот осигурителен пазар. Главниот извршен директор на компанијата, г. Ѓорѓе Војновиќ, во оваа прилика изјави: „Важно ни е да понудиме новитети, кои ги поддржуваат современите светски трендови, бидејќи нашата стратешка амбиција е да обезбедиме извонредно корисничко искуство, а достапноста на услугите е секако еден од приоритетите. За таа цел, посебен фокус имаме на дигитализацијата на услугите и процесите, како и на развојот на банко каналот. Развиваме иновативни решенија и градиме екосистеми на решенија и пакети, како што е Микро дом, а воведовме и бројни други иновации во осигурувањето на дом, кои што нудат флексибилност при изборот на покритие, како и придобивки, кои што поттикнуваат енергетска ефикасност и со тоа ја поддржуваат заштитата на животната средина. Исто така, криераме проекти, како што е Триглав Зелена Лига, проект за лојалност за нашите корпоративни клиенти по доброволно здравствено осигурување и за нашите вработени“.

    Триглав Осигурување Живот во текот на 2023-та година оствари добри финансиски резултати и го зголеми учеството на пазарот на животно осигурување на 18,1%. „Уште една успешна година е зад нас. Континуирано сме препознаени како бренд, кој што внесува големи промени на пазарот на животно осигурување, затоа продолжуваме со развој на апликативни решенија, кои што ќе придонесат кон подобрено корисничко искуство на нашите клиенти и соработници и ќе го олеснат работењето со седумте деловни банки, со кои што имаме долгогодишна соработка. Наша примарна цел е да го задржиме темпото на развој и континуирано да го одржуваме апсолутниот раст на компанијата“, изјави Христина Џамбазовска Анастасов, генерален директор на Триглав Осигурување Живот Скопје.

    Во деловната 2023-та година Триглав Пензиско друштво оствари неколку значајни успеси, меѓу кои најмногу се издвојува континуираниот и стабилен раст на членството и средствата под управување, кои што изнесуваат повеќе од 143 милиони евра. Резултатите се поттик за продолжување на посветената работа на создавање и обезбедување унифицирано корисничко искуство за сите сегашни и идни членови. „Минатата година, покрај тоа што се фокусиравме на постигнување на деловните цели и резултати, активно работевме и на подобрување и развој на сите човечки и инфраструктурни капацитети, со цел да го забрзаме остварувањето на нашите деловни амбиции како тим, како и оние на на Групацијата Триглав. Остануваме посветени на целосниот професионален интегритет, експертиза и транспарентност, со цел да продолжиме да работиме на македонскиот пазар обезбедувајќи додадена вредност на нашите членови, партнери и вработени“. изјави г. Тихомир Петрески, претседател на одборот на директори на Триглав Пензиско друштво.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично