
Додека милиони корисници секојдневно се потпираат на ChatGPT за брзи одговори, совети или препораки, во заднина тивко се одвива процес кој може да ја смени целата природа на користењето на овој алат. Сè повеќе сигнали укажуваат дека OpenAI се подготвува да воведе реклами во платформата, чекор кој би бил прв ваков експеримент во светот на напредните разговорни модели.
Првите сомнежи се појавија по анализата на најновата бета-верзија на ChatGPT за Android, објавена од Bleeping Computer. Во верзијата 1.2025.329 програмерите откриле траги од внатрешна инфраструктура за реклами: појавуваат се термини како „search ad“, „search ads carousel“ и „bazaar content“, што укажува дека OpenAI активно тестира начини за прикажување спонзорирана содржина за време на разговорите. Слични наоди објавија и други технолошки портали, кои забележаа дека експериментите засега се ограничени на резултати поврзани со пребарување, а не на целокупната комуникација.
Аналитичарите сметаат дека ова би можел да биде нов канал на приходи за OpenAI, особено ако се земат предвид огромните трошоци за работа на моделите од најновата генерација. Иако компанијата веќе нуди бесплатни и премиум претплатнички пакети, рекламирањето би можело да стане трет столб во нејзината монетизациска стратегија. Извршниот директор Сем Алтман веќе претходно изјави дека рекламите се „нешто што можеби ќе го пробаме“, но предупреди дека мора да се внимава на довербата на корисниците, бидејќи секое промовирање на послаб производ за финансиски бенефит може сериозно да го наруши кредибилитетот на платформата.
Дополнителни индикации за идни планови се појавија и преку нови огласи за работа во OpenAI, меѓу кои и инженерски позиции специјализирани за рекламирање, што го поткрепува впечатокот дека компанијата веќе гради поцврста структура за оваа функција. Истовремено, медиумите пренесуваат дека потенцијалните реклами нема да личат на класични банери, туку ќе бидат контекстуални, односно ќе се појавуваат како предлози кога корисникот бара производ, споредба или услуга.
Иако засега ниту еден корисник не пријавил дека видел реклама во ChatGPT, индустриските извештаи наведуваат дека официјалното воведување би можело да започне во 2026 година, иако овој рок не е потврден. Доколку тоа се случи, промените нема да бидат само визуелни. Спојувањето на одговорите од вештачката интелигенција со комерцијална содржина може да го промени начинот на кој корисниците ја проценуваат нејзината непристрасност. За истражувачите, професорите и новинарите, ќе биде неопходно да се прави јасна разлика меѓу препорака и платен предлог, додека кај пошироката публика би можеле да се појават прашања за приватност, особено ако персонализираната историја на разговори стане дел од алгоритмите за таргетирање.
И додека јавноста сè уште чека официјална објава, развојот на настаните сугерира дека ChatGPT во иднина можеби нема да биде само алатка за знаење, туку и платформа каде разговорите ќе станат нов простор за рекламирање.
Аналитика








