Жителите и сопствениците на куќи во селото Љубојно утринава излегоа на протест поради сечењето на шумата над селото, која, како што тврдат, ќе го загрози селото, како и изворот на вода од која се снабдуваат. Компанијата која ја сече шумата како концесионер на ЈП Национални шуми денес ги имаше повлечено своите работници и камиони поради револтот на месното население. Од МВР потврдија дека настан имало, но рекоа дека допрва ќе излезат со информација за деталите.
Љубојничани се револтирани од голата сеча на шумата што им се случува во непосредна близина и најавија блокади за да не им дозволат поминување на камионите на концесионерот да поминуваат нагоре во планина.
„Ова е голема штета за селото. Кога ќе нема шума тука, водата од дождовите ќе се слева директно на нашите куќи“, вели еден од мештаните. „Се уништува и патот по кој секојдневно поминуваат тешките камиони претоварени со дрва, но тој не е јавен пат како што тврди директорот на шумското стопанство, тоа е пат кој самите жители на Љубојно го правеле со свои пари “, додава тој.
Мештаните се загрижени и за тоа дека им е загрозено водоснабдувањето, бидејќи под пределот каде се одвива сечата на шума се наоѓа резервоарот од кој пијат вода.
Од локалната подружница на ЈП Национални шуми во Ресен, потврдуваат дека се работи на тој терен, но тврдат дека се е легално и одобрено од стручни лица. „Се што се прави на тој потег е по закон и во склад со сите плански документи, одобрени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и од шумарските инженери кои се најстручни да кажат што, како и колку да се сече“, вели Васко Лозановски од „Преспа Дрво“.
Тој потврди за ПАРИ дека на терен се врши гола сеча, односно дека на определениот потег се сечат сите возрасни дрвја, но, вели, така се обновувала шумата. Се работи, инаку, за дабова шума. Планот е на таа локација концесионерот, Диба Трејд од Косел, да исече околу два до три илјади кубика дрво и да се работи во наредните две години.
Диба Трејд, фирма со шестмина вработени, инаку, е доста успешна компанија, ако се погледнат јавно достапните податоци за нејзиното финансиско работење. Нето добивката во 2024 година им изнесувала 2.381.362 денари, односно дури 206% повеќе во однос на 2023 година, а вкупните приходи пораснале за истиот период за 54%, на 10.948.554 денари.
Имаат добиено тендер на ЈП Национални шуми во 2022 година за превоз со утовар и истовар на дрвни сортименти, а вредноста на договорот е 308.924 денари. Основната дејност на друштвото се услуги за трговија и производство.
Југослава Дуковска