ПОВЕЌЕ

    РЕТКО СЕ РАЃА ВТОРО ДЕТЕ, НАСЕЛЕНИЕТО СЕ ТОПИ – Катастрофална демографска статистика

    Време зa читање: 3 минути

    Во 2000 година во Македонија се родиле 26.168 деца. Истата година починале 17.085 луѓе, што значи дека во таа година природниот прираст бил 9.083. Поразителен демографски податок е тоа што се случило со природниот прираст во наредните две децении, анализира ,,Пари”. Бројот на умрените постојано растел, а бројот на родените се намалувал. Кулминација се случила со 2020 година како пандемиска, кога се регистрирани дури 25.755 умрени, а истата година се родиле 19.031 деца, со што е остварен негативен природен прираст, односно бројот на умрените е поголем од бројот на родените за 6.724! Но, дури и да ја изземеме оваа пандемиска година, се соочуваме со лош демографски тренд. Имено, негативниот природен прираст за првпат е забележан во 2019 година кога се родиле 19.845 деца, а починале 20.446 македонски жители, односно природниот прираст бил во негатива за 601 жител.

    Како се движел природниот прираст низ годините?

    2000 година 2010 година 2019 година 2020 година (пандемија)
    Родени 26.16824.29619.84519.031
    Починати17.085 19.11320.44625.775
    Природен прираст9.083 5.183‒ 601‒ 6.724

    ШТО ЗНАЧАТ ОВИЕ БРОЈКИ?

    Кога се намалува бројот на родени деца, постепено се намалува најважниот потенцијал во едно општество и во една економија – човечкиот потенцијал. Истовремено, природата го прави своето со старото население и, колку и да звучи сурово, со тоа се намалува притисокот врз пензискиот фонд. Со намалениот број на новородени, се намалува и работната сила која треба да е носител и на тековната економска активност во една земја, но и алиментирањето на даночниот систем, па со тоа и на пензискиот фонд. Згора на тоа, состојбата станува уште покомпликувана со иселувањето на младите луѓе.

    Статистичките податоци покажуваат дека стапката на фертилитет во 2020 година била 1,31 живородени деца на една жена. Значи, веќе ретко кој се одлучува на второ дете, со што постои голема веројатност дека негативниот демографски тренд ќе продолжи и во иднина, особено ако се земе предвид фактот дека бракот се склучува во повозрасните години. Истовремено, ДЗС регистрира и значително намалување на стапката на склучување на брак. Така, ако во 2008 година сме имале склучено 7,2 брака на 1.000 жители, во 2020 година имало 5 склучени брака на 1.000 жители.

    МАШКИ ДЕЦА СЕ РАЃААТ ПОВЕЌЕ, И МАЖИ УМИРААТ ПОВЕЌЕ

    Во изминативе 20 години статистичките податоци покажуваат дека бројот на родените машки деца постојано е поголем од родените женски деца.

    Во однос на смртноста, исто така, таа е постојано поголема кај мажите отколку кај жените.

    ПОЧИНАТИ

    Пол2000 година 2010 година 2019 година 2020 година
    Мажи9.20610.16810.61613.914
    Жени7.879 8.9459.83011.841

    РОДЕНИ

    Пол2000 година 2010 година 2019 година 2020 година
    Мажи13.62712.63110.2769.765
    Жени12.541 11.665 9.5699.235

    Лектор: Христина Ангелеска

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично