Сите потреби и проблеми на општините ќе одат на иста адреса, во Ресурсниот центар, кој денес беше промовиран, а ја има поддршката од Амбасадата на Швајцарија и на УНДП. Притоа, беше најавено дека со помош на Владата локалните самоуправи ќе имаат целосен преглед на своите извори на финансирање. Зашто, идната година ќе им се стават на располагање ажурираните податоци за даночните обврзници. Но, ако две години подоцна тоа не се покаже ефикасно во собирањето даноци, единиците што ќе потфрлат, ќе ја изгубат можноста за добивање помош од централната власт.
„Владата има програма, а Министерството за локална самоуправа работи на реализација на конкретни мерки. Градиме концепт за синергија на сите расположливи ресурси во државата кои ќе бидат ставени во функција на општините. Ресурсниот центар е местото кое што ги адресира потребите на општините, начините за нивно решавање, местото кое што ќе понуди експертиза за секој нов предизвик“, нагласи министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
Како што наведе, веќе од идната година општините ќе ги имаат на располагање ажурираните бази на даночни обврзници, преку кои ќе можат посоодветно да ги консолидираат своите извори на финансирање.
„Понатаму, оставаме на успешноста на менаџирањето на градоначалниците, бидејќи нивна е одговорноста да ги располагаат сопствените буџети“, додаде Перински, посочувајќи дека катастарските податоци ќе бидат бесплатни за сите општини.

На настанот присуствуваа градоначалниците, премиерот Христијан Мицкоски, генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Зомер, постојаниот претставник на Програмата за развој на ОН–УНДП, Армен Григорјан.
„Овој центар не е само нова институционална структура. Тој е јасен доказ дека Македонија ја гради својата иднина врз темели на современо управување, транспарентност и ефикасност. Проектот има за цел да ги адресира длабоките системски предизвици – преку подобрено управување, унапредени институционални капацитети и развој на одржлива инфраструктура. Тоа не се технички реформи, тоа е визијата на држава што сака да биде модерна, функционална и ориентирана кон резултати“, истакна Мицкоски
Оваа иницијатива произлегува од Националната развојна стратегија, највисокиот долгорочен стратешки документ на нашата држава, чија визија веќе се претвора во конкретни политики, реални проекти и мерливи резултати.
„Создавањето на овој Центар не е само институционален чекор, тоа е силна порака дека веруваме во капацитетите на локалните заедници, дека ја цениме нивната автономија и дека ја градиме иднината врз основите на меѓусебна поддршка и доверба“, рече Јанушев, кој верува дека Ресурсниот центар ќе прерасне во стабилен, професионален и долгорочен развоен партнер, кој ќе придонесе за порамномерeн регионален развој, подобри јавни услуги и посилна локална демократија.
Швајцарија е партнер во поддршката на процесите на децентрализацијата и регионалниот развој во Македонија, со цел секој граѓанин каде и да живее и без разлика на неговите околности да има пристап до можности, услуги и подобар квалитет на живот.
„Додадената вредност од нашата соработка не произлегува само од финансиската поддршка, туку и од принципите и нормите врз кои се темелиме: инклузивност, транспарентност, отчетност и одржливост. Заедно настојуваме да обезбедиме реформите да не бидат привремени решенија, туку трајни трансформации кои ги зајакнуваат институциите и луѓето. Овој Ресурсен центар е јасен пример за тие вредности“, нагласи амбасадорот Зомер.
УНДП, пак, е поддржувач на имплементацијата на оваа иницијатива.
„Со години УНДП соработува со Министерството за локална самоуправа, поддржувајќи ја децентрализацијата во земјата. Денес, задоволни сме што сме сведоци на посветеностa на Владата за унапредување на работата на општините и зајакнување на темелите на локалната самоуправа. Таквата децентрализација дава видливи резултати: јакнење на општините, подобрување на јавните услуги и поттикнување на инклузивен економски раст. Исто така, го зајакнува локалното управување како клучен двигател за постигнување на Целите за одржлив развој“, рече Григорјан.
Со воспоставувањето на Ресурсниот центар започнува ново поглавје во поддршката на локалниот развој, поглавје кое ја потврдува целосната определба дека вистинскиот напредок започнува локално, наведуваат од Владата.
Аналитика








