Зголемена продажба на лекови за 22 насто бележи Реплек во сегментот фармација. Во првата половина од годинава, на домашниот и на странските пазари е остварен вкупен приход од 16,4 милиони евра. „Ова е десетти квартал по ред со позитивен тренд на раст“, нагласуваат од фармацевтската компанија.
Прометот со лекови на домашниот пазар резултирал со 3,9 милиони евра, што во однос на истиот лански период претставува зголемување од 34 проценти. Од извозот се инкасирани 12,5 милиони евра. Или, на меѓународните пазари има годишен раст од 18 насто.
„Реплек АД продолжува со доследно спроведување на стратегијата за балансирана географска распределба на продажбата, со структура на приходи од 75 проценти извоз и 25 проценти домашен пазар“, посочуваат од компанијата и додаваат дека стабилниот раст на приходите од продажбата ја следи планираната динамика и ја потврдува одржливоста на деловниот модел.
Во првите шест месеци од годинава, на пазарот се појавиле пет нови производи на Реплек, кој воедно и делува на своето регионално проширување – во јануари било отворено ново претставништво во Босна и Херцеговина, а постојното во Србија со првите продажби почна месецов.
Пред неколку дена Реплек пушти во употреба нов производствен блок. Инвестицијата од два милиони евра овозможува зголемување на вкупниот капацитет за примарно и секундарно пакување за 25 проценти.
Исто така, најавуваат дека е во завршна фаза имплементацијата на SAP ERP системот. Тоа, пак, ќе обезбеди повисоко ниво на автоматизација, подобро управување со ресурсите и транспарентност во работењето.