Реплек АД Скопје минатата година оствари консолидирана оперативна добивка од 1,7 милиони евра, што е противвредност на 104,8 милиони денари. Оперативните приходи изнесуваат 1.370,1 милиони денари, или 22,2 милиони евра, каде се бележи зголемување од девет насто. Деветпроцентен е и растот кај оперативните расходи со што тие се нешто над 20 милиони евра (1.237,1 милиони денари) споредено со 2021 година.
Консолидираните приходи од продажбата се поголеми за три проценти. Гледано по деловни сегменти забележани се следните постигнувања:
приходите во фармација се со зголемување од седум насто, и тоа на странските пазари – девет, а на домашниот – три проценти;
кај трговијата на разни стоки и угостителски услуги се намалени за 21 отсто во однос на минатата година.
Кога станува збор за приходите од продажба по географски сегменти – странските пазар имаат удел од 68 отсто и се со раст од девет проценти, додека на домашен терен има намалување од осум отсто.
Консолидираната добивка пред оданочување изнесува 97,9 милиони денари или 1,5 милиони евра и бележи намалување од 37 отсто во однос на истиот период минатата година. Тоа се образложува со повисоките трошоци за струја, амортизација и за вработените, како и отпис на основни средства.
Во консолидираните финансиски извештаи за минатата година кредитното задолжување на Реплек е зголемено за 1,6 милиони евра (100,6 милиони денари), односно на 31 декември лани бил во износ од 4,7 милиони евра (290 милиони денари). Истиот ден 2021 година долгот бил нешто над три милиони евра (189,3 милиони денари).
На групациско ниво прометот лани бележи реализација од 84 проценти во однос на планираниот.
Што се однесува до неконсолидираните финансиски резултати, лани Реплек евидентирал добивка пред оданочување од 969 илјади евра (59,7 милиони денари), која е на истото ниво како и претходната 2021 година. Во најголем дел е остварена врз база на приходите од вложувања во поврзаните субјекти – 1,3 милиони евра (80,3 милиони денари) и е дел од достигнувањата во 2021, кога била поделена и дивиденда за 2020 година, од 1,2 милиони евра (76 милиони денари).
Во поединечните финансиски извештаи за лани, пак, кредитното задолжување е зголемено за 1,5 милиони евра (94,9 милиони денари), па на последниот ден од минатата година биле регистрирани 2,3 милиони евра (143,1 милиони денари). За споредба, на 31 декември 2021 изнесувале 782,3 илјади евра или 48,2 милиони денари.