Собранието на акционери на Реплек АД Скопје донесе одлука за продажба на сопствени акции преку јавна понуда, но истовремено и за можен нивен откуп, со цел одржување на стабилноста и ликвидноста на друштвото.
Според одлуката, компанијата ќе понуди на продажба најмногу 21.110 сопствени акции, што претставува 8,14 проценти од основната главнина, со вкупна номинална вредност од близу 1,19 милиони евра. Продажбата ќе се реализира преку јавна понуда, со објавување на проспект и покана, согласно правилата на Македонската берза, а конечната цена ќе се утврди според пазарните услови.
Средствата од оваа трансакција се очекува да придонесат за подобрување на ликвидноста и усогласување со законската регулатива, додека купувачите ќе стекнат право на глас, дивиденда и учество во ликвидационата маса.
Паралелно со ова, акционерите одобрија и можност за откуп на сопствени акции до максимум 10 проценти од основната главнина, што ќе се реализира во рок од една година. Цената за откуп ќе се движи во рамки од минус или плус 10 проценти од последната пазарна цена. Притоа, се остава можност за отстапување во исклучителни случаи на пазарни турбуленции.
Откупот ќе се финансира од сопствени средства, при што е нагласено дека не смее да се наруши финансиската стабилност на друштвото, односно да се намали имотот под законски утврденото ниво.
Аналитика








