ПОВЕЌЕ

    Ратификуван Договорот со Велика Британија: Отворен е патот за заемот од пет милијарди фунти

    Време зa читање: 2 минути

    Со 76 гласови „за“ парламентарното мнозинство го верификуваше меѓувладиниот договор со Велика Британија. Против се изјаснија само шестмината пратеници на Левица. И покрај критиките упатени од говорницата, пратениците на СДСМ не гласаа. Сепак, додека мнозинството аплаудираше по изгласувањето, опозиционерите извикуваа – уа.

    Во расправата претставниците на владејачката партија инсистираа на историската можност, која на земјава ќе и донесе просперитет преку реализацијата на капитални инфраструктурни проекти. Спротивни мислења изнесоа парламентарците од опозицијата, чии главни забелешки се однесуваа на немањето податоци за условите на задолжувањето. При што имаше и предупредувања дека ова е вид на современа колонизација што големите земји им ја наметнуваат на малите, дека македонските граѓани уште повеќе ќе осиромашат за сметка на профитот кој ќе отиде кај интернационалните корпорации.

    Исто така, опозицијата забележа дека во англиската верзија не се работи за договор туку за спогодба, а потписникот Александар Николоски е наведен како потпретседателот на Република Северна Македонија, функција што одамна не постои, наместо потпретседател на Владата.

    Договорот има важност од 10 години. Со достапните пет милијарди фунти ќе се работи на значајни проекти наведени во Анексот А: обновување и реконструкција на болниците во Штип, Кичево, Куманово, Битола, во тетовско-гостиварскиот и во охридско-струшкиот регион, како и Универзитетскиот клинички центар и градските болници во Скопје; брза железница од Табановце до Богородица, како и од главниот град до аеродромот Скопје; ќе се работи и на транспортниот Коридор 8; развој на капацитетите за сајбер безбедност и дигитална трансформција; изградба на Чебрен и Галиште.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично