Бизнисменот Фатмир Етеми се стекна со нови 35.637 обични акции во Комерцијална банка. Оваа трансакција доаѓа по само неколку дена откако истиот бизнисмен сопственик на ЗСФ-КОМ ДООЕЛ увоз извоз Скопје претходната недела купи 4.312 обични акции. Со последните акции учеството на Етеми во Комерцијална се зголеми на 3,2 проценти во основната главнина на банката.
-Комерцијална Банка АД Скопје ја известува јавноста дека правното лице ЗСФ-КОМ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје преку системска блок трансакција се стекна со 35.637 обични акции издадени од Комерцијална Банка АД Скопје. Правното лице ЗСФ-КОМ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје заедно со поврзаните лица поседува вкупно 72.999 обични акции, односно има учество од 3,2 % во основната главнина на Комерцијална Банка АД Скопје, стои во соопштението на Комерцијална банка објавено на Македонска берза.
Во моментов една акција на Комерцијална чини 8.788 денари. За новите 35.637 акции на Комерцијална градежниот бизнисмен платил околу 5 милиони евра. Во претходната трансакција Етеми кој е член на Надзорниот одбор во банката уплатил нешто повеќе од 600 илјади евра.
Бизнисменот Фатмир Етеми заедно со сопственикот на Адора Инженеринг, Ванчо Чифлиганец се едни од најревносните купувачи на акции во оваа банка во последно време.
Претходно Чифлиганец купи 48.837 акции со право на глас. Трансакцијата чинеше околу 7 милиони евра. Со оваа купопродажба Адора сега стопанисува со 14,99% од акциите на Комерцијална.
Редакција Пари