Зголемените надворешни ризици, геополитичките тензии, нестабилноста на светските пазари поради трговски бариери, и забавена економска активност кај главните трговски партнери на државата не се несовладливи препреки за успешниот резултат на Комерцијална банка.
Банката го заокружи првото полугодие од 2025 година со значителен финансиски успех, остварувајќи позитивен резултат од 48,3 милиони евра, што претставува зголемување од 4,1% во споредба со истиот период минатата година. Притоа, планираната бруто-добивка за првата половина од годинава е реализирана со високи 114,9%, што ја потврдува стабилната и профитабилна позиција на Банката на пазарот.
Во првите шест месеци од 2025 година, приходите од работење достигнаа 72,9 милиони евра, што е благо намалување од 0,4% во однос на истиот период претходната година. Нето-приходите од камата бележат раст од 1,1%, а нивната реализација според планот е високи 101,3%. Сепак, нето каматната маржа бележи намалување на годишно ниво, од 3,88% на 3,63%. Истовремено, нето-приходите од провизии и надоместоци се зголемени за 1,5% и го надминаа планираното со реализација од 105,7%. Посебно значајно е зголемувањето на приходите од курсни разлики, кои бележат пораст од 20,3% и се реализирани со 137,3% од планот.
Иако добивката пред исправка на вредност е за 1,1% пониска во споредба со лани, тоа се должи главно на намалени капитални добивки, загуби од тргување со хартии од вредност и зголемени оперативни расходи. Останатите приходи од работење изнесуваат 663,6 милиони денари, што е намалување од 9,3%, додека оперативните расходи бележат пораст од 1,4%, пред сè поради повисоки трошоци за вработените. Нето исправката на вредност на финансиските средства е значително намалена за 32,8%, што се припишува на подобрената кредитна дисциплина.
Заклучно со 30 јуни 2025 година, вкупната актива на Банката изнесува 2,9 милијарди евра, што е раст од 1,7% во однос на крајот на 2024 година, со остварување на 99,1% од планираното. Посебно внимание привлекува растот на парични средства и еквиваленти од 8,0%, како резултат на зголемено пласирање во Народната банка. Од друга страна, средствата за тргување се намалени за 45,2%, главно поради продажба на акции и пазарно усогласување, додека кредитите кон нефинансиски друштва и домаќинства бележат раст од 4,7%, претежно кај правните лица.
Од обврските, депозитите достигнуваат 2,5 милијарди евра, со раст од 1,3%, при што најголем дел се депозити од домаќинствата.
Очекувањата за остатокот од 2025 година се умерено оптимистички, со оглед на неизвесниот глобален контекст, но и стабилните проекции за домашната економија. Народната банка во своите најнови проекции предвидува раст на БДП од 3,0% во 2025 година, предводен од инвестициите, поттикнати од инфраструктурни проекти, странски директни инвестиции и солидна кредитна поддршка од банките. Инфлацијата, која во 2024 година изнесуваше 3,5%, според последните проекции ќе се движи околу 3,0% оваа година, иако ризиците остануваат поврзани со глобалните цени, климатски фактори и домашната побарувачка.
Најголемата банка во Македонија и понатаму ќе биде посветена на одржување на квалитетот на кредитното портфолио, ефикасно управување со трошоците, дигитализација, усогласување со регулативи, како и унапредување на корпоративното управување и одржливите практики. Банката ќе продолжи со активности поврзани со СЕПА, платежните системи и транспарентноста, додека паралелно ќе имплементира системи за управување со ризици од климатски промени, обезбедувајќи одржлив и инклузивен раст.