Раководниот тим на Стопанска Банка АД – Скопје се прошири со нови раководни лица, информираат од Банката. Михаела Атанасова Стоичовска, која е 9 години дел од #СТБтим) е именувана за Директор на Сектор за управување со кредитен ризик, а Емилија Стојанова Ивановска, 16 години дел од #СТБтим за Директор на Сектор за управување со ризици. Александра Тасева (18 години дел од #СТБтим) е заменик директор на Сектор за внатрешна ревизија, а Јулијана Прошев (15 години дел од #СТБтим) – заменик директор на Сектор за сметководство.
„Не радува фактот што можеме да ги најавиме новоименуваните #Директорки кои, секоја во својата област, придонесувале и ќе придонесат за развојот на Банката повеќе години“, велат од тимот на Стопанска Банка АД – Скопје. „Потенцијалот, вложениот труд, желбата за подобрување на перформансите, поддршката од тимот како и постоење на систем во кој може да се напредува, се предусловите кои го овозможуваат нашиот кариерен развој“, се додава.
Банката се гордее што менаџерскиот тим има родово балансиран состав, што е, како што нагласуваат од Стопанска Банка АД – Скопје, уште една општествена придобивка.
„Веруваме во силата на нашите вработени и горди сме на колешките, кои со новите позиции пред сe‘ добиваат признание за досега постигнатото, но добиваат и обврска и одговорност да продолжат да го развиваат човековиот потенцијал во своите тимови и да создаваат нови успешни приказни“, се вели во информацијата на Банката. „Создаваме можности за нашите вработени да стекнат знаење и искуство, кое потоа ќе ги изгради во компетентни кадри, со кои се гради одржлива иднина за Банката“, нагласуваат од Стопанска Банка АД – Скопје.