Ракометарите на „Алкалоид“ го освоија европскиот куп на ЕХФ, објави Европската ракометна федерација.
„Ова не е само победа. Ова е уште една потврда за големиот успех и за квалитетот на нашиот тим и на македонскиот ракомет!
По извојуваната победа во Атина во првиот дуел, противникот РК АЕК одби да го одигра реванш-натпреварот во Скопје од свои причини.
По разгледувањето на сите случувања и докази, ЕХФ донесе одлука за службена победа од 10 : 0 голови и од 2 : 0 поени за РК Алкалоид. Трофејот од Европскиот куп заслужено ќе биде во нашите витрини!“, соопштија од ракометниот клуб, од каде што се заблагодаруваат на добиената поддршка, а за успехот велат дека е резултат на страста, напорната тимска работа, пожртвуваноста и на непоколебливата верба.
На првиот натпревар што се играше во Атина, Алкалоид победи со резултат 29:25. Затоа, Алкалоид е победник на Еврокупот за мажи за сезоната 2024/2025, вклучувајќи ги сите последици и придобивки што произлегуваат од оваа титула, наведуваат од ЕХФ.
„Ракометниот суд на ЕХФ ја донесе својата прва одлука во врска со случајот покренат по откажувањето на реваншот од финалето на Еврокупот помеѓу РК Алкалоид и РК АЕК Атина, првично закажан за 25. мај во Скопјe.
Ракометниот суд утврди дека АЕК бил должен да го одигра закажаниот натпревар. Со одбивањето да го стори тоа, клубот ги прекршил релевантните прописи на ЕХФ и затоа е одговорен“, информираа од ЕХФ.
АЕК може да поднесе жалба до Апелациониот суд на ЕХФ во рок од седум дена.