Се наоѓаме во исклучително тешка состојба за македонските работници и работодавачи, која трае неколку месеци наназад. Приходот на работодавачите значително е намален, а тоа директно се рефлектира на работниците, преку намалување на нивните месечни плати, прекинување на исплаќање на додатоци на плати, укинување на работни места и отуштање на работниците од работа. Дополнителен проблем е тоа што во време на присутност на вирусот, активните баратели на работа, остануваат со статус на невработени лица.
Со воведувањето на вонредната состојба се наметна потребата и за настапување на “вонредни” услови за работа, односно работа со скратено работно време, сменско работење и работа од дома. И сето тоа е во ред, ако е согласно закон и подзаконските акти.
Членот 112, ст.7 од Законот за работните односи (ЗРО) предвидува дека ако работникот не може да ја врши работата поради виша сила, има право на половина од платата, на која инаку би имал право, доколку би работел. Ако работодавачот постапил согласно оваа одредба, секако дека го испочитувал законот. Работодавачот во никој случај не смее да не му исплати плата на работникот, за деновите за кој истиот работел или формално бил вработен кај работодавачот, а де факто не работел. Платата е уставна загарантирана категорија и истата е регулирана како во чл.105 од ЗРО, така и со колективен договор и е составен и облигаторен дел од секој договор за вработување.
Она што го видовме во овој период е незаконитото отпуштање на работниците. Кога велам незаконито мислам на принудување на потпишување на спогодбен престанок на работниот однос, откажување на договор за вработување буквално “од денес за утре”, како и колективни отпуштања спротивно на постапката регулирана со закон. Секоја одлука донесена спротивно на закон, може да биде основ за поништување на оваа одлука и враќање на работникот на работа, како и исплата на плата за периодот кога не работел, а би требало да работи.
Работењето во небезбедни работни услови, што особено го видовме во текстилната индустрија, исто така беше, и сеуште е, проблем со кој се соочуваат голем број на работници. Во ситуација кога во една работна средина ќе се добие информација дека некое лице е позитивно на вирусот, апсолутно нехумано и незаконито е останатите лица да бидат принудени да доаѓаат на работните места. Имено, согласно член 39, ст.2 од Законот за безбедност и здравје при работа работникот има право да одбие извршување на работа, доколку е изложен на непосредна опасност по здравјето или по животот, кога не се спроведени безбедносните мерки и да побара нивно отстранување. Во практиката лично јас можев да забележам дека одредени хронично болни лица, ослободени со владините мерки и препораки, беа принудувани да доаѓаат на своите работни места, кое нешто не само што значи непочитување на мерките и препораките, како и повреда на член 205 и 206 од Кривичниот законик, туку истото директно влијае и за зголемување на опасноста на ширењето на вирусот и зголемување на можноста за нарушување на нечие здравје. Иако во помалку случаи, сепак забележано беше и принудување за доаѓање на работа на родител на дете до 10-годишна возраст и отпуштање од работа на оваа категорија на работници.
Ова се само дел од начинот на кој до денес се прекршуваат работничките права.
Поради тоа апелирам:
-работниците, пред превземање на било какво чекор и/или потпишување на одреден документ, да консултираат правник/адвокат,
-работодавачите да постапуваат согласно позитивните закони и прописи
-надлежните инспекторати брзо да реагираат и санкционираат, во ситуации каде има незаконито постапување
Прочитајте и: Заштита од вознемирување на работно место
Контактирајте го адвокатот [ Адвокатска канцеларија Ристова ]