ПОВЕЌЕ

    ПАУШАЛНОТО НЕ ЗНАЧИ НЕОТЧИТАНО

    Време зa читање: 5 минути

    Дигитализација и паметни броила за поголема доверба

    Децении наназад еродираше довербата во институциите. Таму каде што нема доверба, цвета сомнежот. Во нашиот случај тоа се гледа преку прашањата: „Дали броилото мери“, „Дали сметката е точна“. Излезот од ваквиот сомнеж кај дел од граѓаните не се ad-hoc мерки, туку она што самото по себе се наметнува во ова ново, бинарно, 1-0 време. Тоа е дигитализација која треба да биде системска, проверлива, транспарентна. Затоа, најавата за воведување на паметни броила e алатка што носи далечинско отчитување, траги од податоци и нивна споредливост.

    Да потсетам дека дигитализацијата, освен поголема доверба значи и заштеда на пари. Регулаторната комисија веќе пресмета што би значело месечно физичко читање на сите броила во државава. Тоа се  околу 10 милиони евра годишно и приближно 5% поскапа струја. Наместо тоа, се одбра моделот за забрзана набавка на паметни броила со минимално ценовно влијание (околу 0,1 процентни поени) и цел за 70–80% покриеност во две – три години.

    Професор д-р Арсен Арсенов

    „Причината за оваа промена е да се воспостават современи технологии кои овозможуваат далечинско отчитување на потрошувачката на електрична енергија, што ја зголемува прецизноста во мерењето, ја намалува потребата од физичко инспектирање и ја подобрува енергетската ефикасност и управување со потрошувачката. Исто така, со паметните броила ќе се овозможи подобра контрола и транспарентност на пазарот на електрична енергија, како и поддршка на европските стандарди и политики за чиста и зелена енергија. Тоа воопшто не значи дека постојните броила не се точни и не се добри, туку тоа значи дека се појавува нова технолошка генерација на броила, подобра од постојната.“

    Она што го потенцира професорот Арсенов е дека броилата што се инсталираат се точни. Ова јавно го потврди и Бирото за метрологија од каде што наведоа дека броилата што влегуваат во државава се исправни и тоа е контролирано од нивна страна. Но, ако кај граѓаните има сомнеж дека откако броилото е инсталирано и не мери точно, постојат два начина на проверка. Едниот е преку акредитираната лабораторија на ЕВН, а сега и преку државната лабораторија која стартуваше со работа за да се обезбеди уште поголема доверба. Секако, насекаде во светот, така и кај нас, ако мерачот е точен – плаќа граѓанинот, ако е неточен – плаќа компанијата.

    Како се читаат сметките денес?

    Но, болна точка за нас граѓаните останува дали нашите броила редовно се отчитуваат или паушално. Реално, малкумина од нас знаат дека нема неотчитано броило. Едноставно, сите броила се отчитуваат – дел месечно, дел на секои три месеци со порамнување. Разликата е во динамиката, не во точноста. За да се отстрани ова наше незнаење, решение се паметните броила и дигитализацијата, што значи дека фреквенцијата и автоматизацијата на процесот растат.

    Професор д-р Арсен Арсенов

    „Во моментов има околу 900.000 броила за електрична енергија. Најголемиот дел од нив се отчитуваат редовно, додека останатите се наплаќаат по паушални сметки. Овие паушални сметки се пресметуваат за три месеци, при што потрошувачите плаќаат точно колку што потрошиле во тој период, но наплатата се врши на три месеци наместо месечно. Некои потрошувачи го истакнуваат е желбата за месечна наплата според реалната потрошувачка иако и сега имаат можност да го направат тоа односно само да ја пријават состојбата на броилото по електронски пат. Доколку го направат тоа тогаш сметката ќе биде базирана на реалната потрошувачката. Имајќи ги предвид овие факти, потрошувачите не се оштетуваат со паушалните сметки, туку единствената разлика е во динамиката на плаќање, односно дека наплатата се прави на три месеци врз база на просек од претходните три, а не месечно. Оваа пракса е вообичаена и во наплатувањето на сметките за вода и отпад. Скопскиот Водовод редовно испраќа паушали за јули и август, а потоа потрошувачката се нивелира во сметките за следните месеци. Истата пракса се применува и во сметките за топлинска енергија.“

    Затоа и кај овие две компании е потребна дигитализација, која засега јавно не е најавена. Но, рековме, воведувањето на новите, дигитални броила ќе ја засили довербата кај граѓаните.

    Динамика по закон – постепена замена

    Инаку, новите законски одредби предвидуваат 80% од паметни броила за електрична енергија да бидат инсталирани во наредните осум години, а сите 100% за 10 години и тоа постепено, преку континуирани набавки и инсталации.

    Но, зошто чекор по чекор?

    Ако сакаме 100% физичко, месечно читање – тоа чини пари и на крај ќе го платат граѓаните преку сметките. Затоа се оди со фази: да се дигитализира каде што најбрзо носи корист, да се намали просторот за сомнеж и да се гради доверба во инфраструктура и да нема претпоставки. И за крај, клучното прашање е дали не е подобро да се забрза оваа дигитализација и побрзо насекаде да ги има паметните броила, па дури и по цена наместо 0,1 процентни поени (п.п.) да плаќаме поскапа електрична енергија, односно да имаме зголемување од 0,2 или 0,3 п.п. на сметките за струја.

    Новинар: Горан Теменугов

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично