ПОВЕЌЕ

    ПРВОТО ПОЛУГОДИЕ НА БАНКИТЕ ИМ ДОНЕСЕ ДОБИВКА ОД 150 МИЛИОНИ ЕВРА, повеќе кредити и депозити

    Време зa читање: 3 минути

    Банкарскиот сектор останува полн со пари и ја јакне својата актива, народот и фирмите и понатаму ги сметаат банките како традиционален, сигурен начин за пласирање на своите пари и се зголемуваат депозитите, а, пак, банките поинтензивно кредитираат. Оваа слика за банкарскиот сектор е пресликана во последните полугодишни податоци што ги објави Народната банка за банкарскиот сектор.
    Во првите шест месеци од годинава, банкарскиот сектор успеал да направи нето-добивка од 150 милиони евра, покажуваат полугодишните податоци. Во истиот период лани, тие заедно направиле профит од 155 милиони евра, што значи дека годинава имале заработка помала за 5 милиони евра.

    На 30 јуни годинава банкарската актива тежела речиси 14 милијарди евра, а на 30 јуни 2024 година била 12,2 милијарди евра, што значи дека за една година таа се зголемила за 1,8 милијарди евра.

    Вкупните депозити што ги имаат фирмите и граѓаните во јуни биле 10 милијарди евра. Една година претходно тие на сметките имале 1,2 милијарди евра помалку.
    Во однос на кредитирањето, банките за една година го зголемиле дури за една милијарда евра. Нивната кредитна активност на 30 јуни 2024 година завршила со пласирани 7,5 милијарди евра, а годинава на истиот датум со 8,5 милијарди евра.

    Извор: Народна банка

    Банките живеат од камати и од провизии. Податоците од 30 јуни годинава покажуваат дека банкарскиот сектор од камати собрал 294,8 милиони евра, а од провизии 92,9 милиони евра. Со оглед на растот и на депозитите и на кредитите, очекувано е што овие бројки се поголеми отколку на истиот датум минатата година

    Извор: Народна банка

    Гувернерот Трајко Славески ги повика банките да работат со помали надоместоци. Банкарскиот сектор веќе одговара на неговата забелешка и банките испраќаат известувања до своите клиенти за намалување на трошоците.
    На својата последна седница, Советот на Народната банка усвои четири значајни одлуки насочени кон зајакнување на системот за заштита на потрошувачите, коишто треба да обезбедат поголема транспарентност, фер практики и ефикасно постапување по поплаките на граѓаните од страна на банките и штедилниците, како и соодветни контролни механизми од страна на Народната банка во оваа област.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично