ПОВЕЌЕ

    Прв ден на Македонската берза на електрична енергија: Истргувани 500 мегаватчасови, просечна цена 7.125 денари

    Време зa читање: 2 минути

    Истргувани се околу 500 мегаватчасови, а просечната цена постигната на крајот од тргувањето е 7.125 денари – тоа е билансот од првиот работен ден на Македонската берза за електрична енергија. Мразот го пробија Сентраде, Дуферко, AOT Македонија, Елнор, ЕСМ Продажба, ГЕН-И, ТЕ-ТО АД Скопје, Интеренерго, РЕС, Макстил, ЕФТ, АД МЕПСО, Енерџи Активе, ЕВН снабдување, ЕВН електрани, ОКТА, Универсал Енерџи, ЕДС, ЕТМТ Енерџи и АД ЕСМ. Интерес има и од други компании.

    „Тргувањето заврши без никаков проблем. Истргувани се околу 500 мегаватчасови, по 20 мегаватчасови, во просек, по поединечно тргување. Просечната цена што е постигната на крајот од тргувањето е 7.125 денари. Денеска тргуваа 20 компании, а склучени договори со МЕМО за користење на платформата имаат 22. Ќе имаме понатаму пореална цена и стабилизирање на пазарот“, наведе Симон Шутиноски, директор на МЕМО.

    За обезбедената помош во реализацијата на ова достигнување, вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, им се заблагодари на домашните експерти, на Секретаријатот на енергетската заедница и на САД.

    „Пазарот станува динамичен и понатаму ќе се поврзе со конкурентските пазари од регионот. Со активно купување и продавање, конечно ќе се добие референтната цена“, рече Битиќи.

    Ова е важен исчекор, смета заменик амбасадорот на САД, Ерик Мејер, кој посочи дека берзата треба да стане дел од организираниот европски пазар.

    На овој проект се работеше повеќе од пет години, а официјално заживеа по измените на Законот за енергетика во 2018 година, кога формално беше либерализиран и пазарот на електрична енергија. Законодавството во оваа сфера е прилагодено на европското.

    Со домашната берза раководи Националниот оператор на пазарот за електрична енергија – МЕМО. Првично ќе се тргува врз принципот ден однапред, а откако ќе се увиди дека има ликвидност, односно понуда и побарувачка во секој час во текот на денот, ќе се премине кон воспоставување на пазарот во текот на денот или интрадеј маркетот. Притоа, ќе можат да тргуваат сите учесници на пазарот на големо на електрична енергија, кои ги има во регистарот на учесници кој го води МЕМО.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично