Четири лица се уапсени, а седум други се ослободени од полицијата, по протестот одржан во понеделник вечерта во Тирана. Демонстрантите фрлаа Mолотови коктели врз зградата во која се наоѓа канцеларијата на премиерот Еди Рама, барајќи оставка од владата откако обвинителите подигнаа обвинение против заменик-премиерот за наводна корупција.
Демонстрантите направија обид да се пробијат полицискиот кордон околу зградата, судирајќи се со органите на редот.
Полицијата објави дека двајца полицајци се повредени како резултат на фрлањето молотови коктели, пиротехнички средства и тврди предмети од страна на демонстрантите. По придружбата до полициската станица, група пратеници на Демократската партија, исто така, отишла во полициската станица, барајќи да се разјаснат околностите зошто биле спроведени демонстрантите.
Политичките тензии во балканската земја ескалираа во последните недели по обвинувањата за коруптивни врски против вицепремиерката Белинда Балуку. Министерката Балуку е раководител на Министерството за инфраструктура, кое управува со стотици милиони евра во проекти како што се патишта, мостови и тунели. Заедно со неколку функционери и приватни компании, таа е обвинета за користење државни средства за фаворизирање на некои компании во големи инфраструктурни проекти.
Таа ги нарече обвинувањата во парламентот минатиот месец „клеветење, инсинуации, полувистини и лаги“ и изјави дека целосно ќе соработува со судството.
Протестот беше предизвикан од два конвергентни и многу експлозивни случувања: разоткривањето на структурирана криминална група што дејствува во рамките на институција за национална безбедност и одбивањето на парламентот да го одобри апсењето на вицепремиерката Белинда Балуку, и покрај формалното барање од обвинителите, објави Тирана Тајмс.
Во сржта на протестот стоеја откритијата околу Националната агенција за информатичко општество (AKSHI), институција одговорна за државните дигитални системи и чувствителната национална инфраструктура на податоци. Истражителите тврдат дека криминална мрежа дејствувала од рамките на агенцијата, во која биле вклучени високи функционери, бизнисмени и личности поврзани со организираниот криминал. Според обвинителите, групата координирала манипулации со јавни тендери, принуда на конкуренти, фиктивно фактурирање, перење пари и систематско елиминирање на конкуренцијата. Случајот длабоко го шокираше јавното мислење не само поради неговиот финансиски обем, туку и затоа што директно имплицира столб на националната безбедносна архитектура на Албанија, се наведува во извештајот.
Неколку стотици граѓани се јавија на повикот на лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, да учествуваат на националниот протест пред кабинетот на премиерот. Лидерот на опозицијата ја осуди кражбата на јавни пари од страна на највисоките владини функционери, како и нападот што Еди Рама го прави, според него, врз правосудните институции.
Бериша ги повика сите граѓани, а особено интелектуалците, да го напуштат конформизмот за иднината на албанските семејства и општество, пишува А2. Бериша ги опиша Рама и Рилиндја како политички трупови.
(Фото: Wikimedia Commons)
Аналитика








