Просечната нето-плата пресметана во Србија во септември изнесува 85.066 динари или 735 евра, објави денеска Републичкиот завод за статистика. Истовремено, средната односно медијална нето заработка за септември изнесува 65.727 динари, што значи дека 50 отсто од вработените оствариле заработка до таа сума. Просечната бруто плата, со пресметани даноци и придонеси, изнесува 117.472 динари.
Растот на бруто и нето заработката во периодот јануари – септември, во однос на истиот период лани, номинално изнесува 15 отсто, а реално еден отсто. Во однос на истиот месец од претходната година, просечната бруто и нето-заработка за септември номинално се повисоки за 13,5 отсто, а реално за три отсто.