Просечната нето-плата исплатена во мај по вработен е 45.796 денари. Во период од една година е зголемена за 11 насто.
Врз позитивното движење најмногу влијаеле повисоките просечни примања во три сектори. Државниот завод за статистика посочува на финансиските дејности и дејностите на осигурување, каде што растот е 23,9 насто. Следува трговијата на големо и трговијата на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли со 15,1, а потоа со 14,4 проценти – образованието.
Споредено со април, зголемување на просечната месечна нето-плата по вработен исто така има кај финансиски дејности и дејности на осигурување – за 13,5 и кај трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 5,4 насто. Третиот сектор со повисоки просечни примања за 5,1 процент е рударство и вадење на камен.
Априлскиот просек беше 45.452 денари. Оттаму, месечниот раст е 0,76 проценти. Или, мајската просечна плата од априлската е повисока за 344 денари.