Најавува ли јануари променлива, турбулентна берзанска година? Во првиот месец имаше и стабилни нагорни движења, а потоа и нагло свртување во контра правец. И, додека пазарната капитализација забележа раст од 3,44 проценти достигнувајќи 363,1 милијарда денари или 5,9 милијарди евра, вкупниот промет опадна за повеќе од двојно. Со минусот од 58,76 проценти, се сведе на 949,3 милиони денари, односно 15,4 милиони евра. Низок, но сепак пад, од 3,95 отсто, има и кај реализираните трансакции, 2.990 на број.
Како светла точка се перцепира растот од 6,4 проценти кај основниот берзански индекс. Со вредност од 10.853,70 поени. Што е одраз на поволната динамика кај неколку од водечките компании на берзата, кои се во составот на МБИ10.
Интересот на инвеститорите, барем во првите две декади од месецот, беше фокусирани на вообичаено атрактивните акции. Посебно на акцијата издадена од Алкалоид, која во јануари е најтргувана на Македонската берза.
Дека пикот е на оваа акција, се потврди кон средината на минатиот месец, кога од купопродажните активности, и на официјалниот пазар и преку блок-трансакции, дневниот скор беше 730 илјади евра. Кои влегуваат во јануарскиот промет од 306 милиони денари (4,97 милиони евра), со учество од 38,45 отсто во вкупниот промет. Цената за акција се движела од 28.250 до 31.099 денари, постигнувајќи просечна вредност од 29.521,09 денари. Истргувани се 10.367 акции преку 997 трансакции.
Ретко, но се случува акцијата на Комерцијална банка да се помести од првата на втората позиција. Со неа се реализирани најголем број трансакции – 1.004, преку кои е извршена купопродажба на 8.806 акции. Прометот изнесува 267 милиони денари (4,33 милиони евра), што претставува удел од 33,55 проценти. Цената на акцијата е од минималните 28.490, преку максималните 31.000, до просечните 30.324,53 денари.
Со 540 акции на Макпетрол низ 169 трансакции во јануари е оствари промет од 55,7 милиони денари (905.834 евра). Во вкупниот промет партиципира со 7,01 процент. Просечната вредност на акциите е 103.254,85 денари. Најниската цена е 93.800, а највисоката 111.900 денари.
Акционерската трка за што подобра позиција, ја одржуваат акцијата на Македонијатурист во првата петорка. Во јануари се продадени, односно купени 3.737 акции, а прометот е во износ од 38,8 милиони денари (630,5 илјади евра). Бројот на трансакции е 47. Максималното ниво што го постигна вредноста е 10.601 денар, минималното – 8.700 денари, а просекот е 10.393,89 денари. Има учество од 4,88 отсто во вкупниот промет на Берзата.
ХРОНИЧНИ И ТЕШКИ ПРОБЛЕМИ ВО АГРАРОТ: Зошто младите бегаат од мотика?
Меѓу најтргуваните во јануари е и акцијата на Реплек. Забележан е промет од 30,2 милиони денари (492,3 илјади евра), со удел од 3,81 отсто. Акциите – 1.848, се тргуваа во опсег од 16.197 до 16.750 денари, при што просечната цена постигната низ 108 трансакции е 16.390,63 денари.
Што се однесува до класичното тргување, прометот во јануари изнесувал 812,2 милиони денари (13,2 милиони евра). Тоа претставува пад од 3,92 отсто во споредба со декември. Најголем дел од овој промет доаѓа од тргувањето со акции – 797,8 милиони денари (околу 13 милиони евра), при што е нотиран минус од 2,67 проценти. Поголем пад има кај обврзниците, од 43,79 отсто, а станува збор за промет од 14,4 милиони денари (над 234 илјади евра).
Сепак, најголемото месечно осипување, од дури 90,59 проценти е регистрирано кај прометот во блок-трансакциите. Кој од декемвриските 1,45 милијарди денари (23,7 милиони евра) во јануари паднал на 137,1 милион денари (2,2 милиони евра). Бројот, пак, на реализираните блокови е намален за исто така високи 60,38 отсто, односно од 53 на 21 трансакција.