ПОВЕЌЕ

    Производството расте, домашната струја покрива 77 % од потрошувачката

    Време зa читање: 2 минути

    Вкупното бруто-производство на електрична енергија во јануари достигнало 654.356 MWh, што претставува раст од 12,5 насто во однос на истиот месец лани и покрива 77,1 отсто од бруто-домашната потрошувачка, која изнесува 848.192 MWh.

    Според претходните податоци што ги објави Државниот завод за статистика, зголемувањето на производството главно се должи на хидроцентралите со 221.998 MWh (+ 67,9 % на годишно ниво), како и на соларните (+ 26,7 %) и ветерните електрани кои бележат значителен раст од 113,5 насто.

    Наспроти тоа, производството од термоцентралите е намалено за 22,5 отсто, а кај биогасните централи има изразен пад. Истовремено, увозот на електрична енергија е намален за 34,2 отсто, а извозот драстично опаѓа за 78,2 отсто. Расположливата енергија за финална потрошувачка изнесува 668.105 MWh, при што домаќинствата трошат 417.763 MWh, што е раст од 4,4 насто на годишно ниво.

    Во однос на другите енергенти, во јануари е регистрирана потрошувачка од 47,882 милиони нормални кубни метри природен гас, 345.151 тон јаглен и 80.333 тони нафтени продукти. Потрошувачката на природен гас е зголемена за 8,8 насто, главно поради поголемата активност на когенеративните постројки, додека потрошувачката на нафтени продукти бележи раст од 3,5 насто. Речиси целокупната потрошувачка на јаглен (99,6%) се користи за производство на електрична енергија, што дополнително ја нагласува неговата улога во енергетскиот систем.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично