Животниот циклус на енергетскиот сектор се наоѓа во фаза каде почнува да се издига кривата на циклусот. Тоа нагорно движење е детерминирано од наметнатата потреба за пронаоѓање алтернативни извори на енергија. Сите анализи покажуваат дека досегашното производство е неодржливо на долг рок и дека преориентацијата кон обновливи извори треба да биде стратешки приоритет. Енергијата од секогаш била моторот за развој на сите национални економии и паралелно на тоа со текот на времето се зголемуваше нејзината побарувачка. Обидите за задоволување на тие потреби доведоа до масовно искористување на расположливите ресурси, а последиците од таквото однесување ги осеќаме секојдневно. Со цел изедначување на побарувачката и понудата на пазарот на енергија, а раководејќи се од принципите за зачувување на животната средина, насоките се производството да биде сконцентрирано кон поддршка на имплементација на oбновливи енергетски системи, поинтелегентни мрежи на електрична енергија, како и адекватно нејзино складирање.
Од аспект на нашата економија и субјектите кои се вклучени во овој бизнис, може да се забележи тренд на појава на поголем број на мали производители на електрична енергија од обновливи извори, кои се решаваат на инвестиција во овој сегмент поради одредени државни субвенции, гарантирана откупна цена, странски кредитни линии со ниски каматни стапки и сл. Меѓутоа, општиот заклучок е дека традиционалниот начин на производство на електрична енергија е најзастапен и дека сеуште сме на почетокот на голбалниот тренд за пресегментирање и модернизација.
Што се однесува до остварувањата во секторот производство на електрична енергија анализата ќе ја сведеме на топ 10 компаниите и притоа заклучоците се следни:
- Постои високо ниво на географска концентрација, односно сите топ 10 компании се од територија на град Скопје, од кои 3 се членки на групацијата ЕВН.
- Од аспект на големината, поделеноста е 50-50 помеѓу големи и средни субјекти. Исто така треба да се напомене дека вкупниот број на големи и средни компании изнесува 34, што е само 8% од вкупниот број на регистрирани компании од оваа дејност(425). Најголем дел или 74% отпаѓаат на сегментацијата микро компании.
- Во 2019 година регистриран е пад на вкупните приходи од дејноста. Имено, во вкупен износ регистриран е пад од скоро 5 милијарди денари или 9% помалку од остварувањето во 2018 година.
- Најголем пазарен учесник била компанијата ЕВН Македонија АД Скопје со вкупни приходи од 14.8 милијарди денари, додека на ниво на групација, заедно со поврзаните компании ЕВН Македонија Електроснабдување и ЕВН Трејдинг, вкупните приходи изнесуваат 21.4 милијарди денари. Таквите бројки претставуваат 42% од вкупните приходи на секторот. Меѓутоа, од друга страна, треба да се напомене дека ЕВН Македонија АД Скопје регистрирала најголем пад на приходи кај топ 10 компаниите. Падот на приходите е нешто над 34% од остварувањата во 2018 година.
- Покрај оваа, компании со регистриран пад на приходи во 2019 година се уште Снабдување со топлина Балкан Енерџи, Алпик Енергија и Ген-И продажба на енергија, кај кои кумулативниот пад на приходи изнесува 1.2 милијарди денари.
- Компанија со најголем процентуален пораст на приходи од 146.2% е ХСЕ Мак Енерџи, меѓутоа нејзиното пазарно учество во топ 10 компаниите е само 4%.
- Податоците за остварена добивка во 2019 укажуваат на тоа дека топ 10 компаниите генерирале вкупна добивка од 2.5 милијарди денари, а притоа како доминантен играч се појавува ЕВН Македонија АД Скопје со учество од 82%. Истата компанија остварила и најголем процентуален пораст на добивката од 86.2%. Зад неа, со најголем процентуален пораст е компанијата Терна Енерџи Трејдинг со пораст од 85.8%, додека во апсолутни бројки на второ место по однос на остварена добивка е компанијата Пелагонија Енерџи ДООЕЛ со 127 милиони денари.
- 4 компании евидентирале пад на добивка во 2019 година, а таму листата ја предводи ЕВН Македонија Електрани, со пад на добивка од скоро 40%.
- Како најголем работодавач во оваа индустрија е компанијата Електродистрибуција ДООЕЛ со просечен број на вработени за 2019 година од 1.702-ца. Тоа претставува 73% од вкупниот број на вработени во топ10 работодавачи.
Со оглед на тоа што светот се соочува со рапиден развој, а сето тоа бара одредено ниво на енергија, неминовно е дека мора да настапи процес на кој ќе се срушат традиционалните парадигми како во однос на потрошувачката, така и во производството на енергија. Во една таква ситуација луѓето се клучниот елемент, кога станува збор за редуцирање на високата потрошувачка, а промената на однесувањето е тежок процес која бара доста време и доста финансии. Во сите научни истражувања се посочува на фактот дека пренесувањето на знаењето и ресурсите ќе бидат водилка кон колаборативна и интердициплинарна стратегија која ќе се залага за имплементирање на промените за општо добро.
Прочитај и: ИМА ЛИ УСЛОВИ НОВИТЕ ИГРАЧИ НА ПАЗАРОТ ДА ЈА СИМНАТ ОД ТРОНОТ НЕПРИКОСНОВЕНАТА ЕВН?
Извор на податоци: „БизнисМрежа.Мк“.
Анализа на податоци: Таргет Груп