ПОВЕЌЕ

    Прометот на големо, профитот на мало: Десет маркети со ќар од 30,8 милиони евра

    Време зa читање: 5 минути

    Над една милијарда евра потрошиле граѓаните минатата година за набавка на храна и други производи, пазарејќи во маркетите од десет синџири во земјава, што е 10,9 насто повеќе отколку преклани. Според прометот, но и со оглед на цените, кои во одредени периоди драстично се зголемуваа, 2024 воопшто не беше лоша година за трговците. Но, во однос на рекордната 2023 г, изгледа скромно. Пред сѐ, од аспект на профитот. Можеби изгледа дека ова важи за Рипли, но од десет синџири на маркети, осум бележат пад на добивката. Нивниот заеднички профит изнесува 30,8 милион евра, што е 16,3 отсто помалку од чистата заработка во 2023 година, која изнесуваше 36,8 милиони евра.

    Порталот Пари, користејќи ги податоците од Бизнис Мрежа, анализира што се случи со златната формула на успехот на трговците од малопродажбата и која е причината за новата реалност? Притоа, мора да се напомене дека во заднината на остварувањата се и револтот на граѓаните, двата бојкота и падот на куповната моќ. А, тоа, пак, ја натера Владата да пакува мерки во празнични кошници, при што посегна по ограничување на цените и на маржите кај одредени групи производи.

    КАМ РАСТУРА СО ПРОДАЖБАТА

    Цврста е водечката позиција на КАМ маркети со најголемите остварени приходи од 301,7 милиони евра. На второто место е Киппер маркет со 221,2 милиони евра, но оваа компанија е убедливо прва според годишниот раст на приходите од дури 26,2%.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Останатите маркети заостануваат и со големината на приливите и со растот на продажбата. Стокомак е следен според износот на остварените приходи од 138,5 милиони евра, кои во однос на 2023 г. се зголемени за 10,8 насто. Блиску до него се Веропулос, со 114,7 милиони евра (раст од 11,8 насто), и Тинекс, со 103,4 милиони евра (раст од 5,2 насто).

    За разлика од нив, помалите маркети бележат поголем раст на приходите. Грандпром-Зур успеал да го зголеми прометот за 19,5 насто, Кит-го за 14,7 насто, а Монтенегро за 14,4 насто. Најмало позитивно поместување, од 2,7 насто, има кај Миса од Струга.

    ВЕРО СО ПРОФИТОТ

    Сепак, зголемените приходи не им донесоа и поголеми профити на маркетите. Чистата добивка на најголемите трговски синџири во 2024 г. бележи пад во однос на 2023 г. Со исклучок на два маркета, осум се во минус. Кај четири од нив регистрираното намалување е двоцифрено. Монтенегро и Миса се единствените компании што го зголемиле профитот. Првата за дури 41,5 насто ‒ од 433.000 евра на 613.000 евра. Струшкиот маркет Миса има раст од 5,9 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Сите останати маркети се во негатива. Со минусот од високи 68,7 отсто предничи Рамстор Македонија. Добивката на овој синџир е стопена од прекланските 2,5 милиони евра на 781.000 евра годинава. Следен е Тинекс, со пад на профитот од 38,2 проценти, од 1,4 милиони евра во 2023 г. на 879.000 евра во 2024 г. Добивката на Стокомак е намалена за 35 отсто, од 4,1 милион евра во 2023 г. на 2,7 милиони евра во 2024 г.

    Кит-го маркети е во негатива од 28,2 отсто, со намалена добивка од 3,9 милиони евра преклани на 2,8 милиони евра лани. Грандпром-Зур исто така е во друштво на маркетите со двоцифрен пад на добивката – за 26,отсто, од 645.000 евра на 474.000 евра.

    Подобро минале Кипер маркет, со намален профит од 7,2 проценти (од 5,5 милиони евра на 5,1 милион евра), и КАМ ДОО, со минус од 5,4 отсто, чија добивка од 7,3 во 2023 г. лани опаднала на 6,9 милиони евра. Лидерот на табелата според висината на остварената добивка, Веропулос ДООЕЛ, исто така има намален профит, за 4,5 отсто ‒ од 10,4 милиони на 9,9 милиони евра.

    Податоците и бројките се потврда за реалноста. КАМ е првиот избор на потрошувачите, а Веро нема конкуренција од аспект на добивката. Тинекс како да го забавува чекорот со најнискиот раст на приходите меѓу големите маркети и преполовениот профит. Рамстор има стабилни приходи, но најголем пад на добивката.

    Кипер продолжува да се развива, а Стокомак се обидува да остане висококонкурентен на пазарот. Влошена е и профитабилноста на Кит-го, кој се наметна во конкуренцијата на маркети со голем асортиман и пристапни цени. Грандпром-Зур работи на своето проширување на пазарот, додека Монтенегро со своите мали ресурси се издвојува со стабилност и добра ефикасност. Миса, пак, со растот на добивката, кој процентуално е поголем од растот на приходите и на расходите, покажува умешност во менаџирањето на активностите.

    Во ланскиот обид да заработат што повеќе, сите тие се соочија и со зголемени трошоци, но и со притисокот од ценовните ограничувања и ограничувањата на маржите. Треба да се споменат и повисоките плати и помалата куповна моќ на граѓаните. Затоа, и покрај зголемениот промет, профитот се топи.

    (продолжува)

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично