Досега во 15 здравствени установи се реализирани енергетски ефикасни реконструкции, а спороведувањето на проектот за унапредување на енергетската ефикасност во јавното здравство – продолжува со поддршка од Светска банка, соопштија од Министерството за финансии.
Проектот во вкупна вредност од 9,21 милион евра обезбедува финансиска поддршка за реконструкција на здравствени објекти со мерки за енергетска ефикасност, преку Проектната единица при Министерството и компонентата „Инвестиции во енергетска ефикасност во објектите од централната власт“.
Во овој циклус успешно се реализирани енергетски ефикасни реконструкции на 15 јавно-здравствени установи низ земјата, обезбедувајќи подобри услови за пациентите и вработените и долгорочни заштеди на енергија.
Инвестициите придонесуваат за намалување на потрошувачката на енергија, пониски оперативни трошоци и подобри услови за работа во овој сектор:
„Реализацијата на овие инвестиции во здравствените установи придонесуваат кон постигнување заштеди преку намалување на потрошувачката на енергија, намалување на оперативните трошоци на установите и се обезбедуваат поквалитетни услови како за пациентите, така и за нивните вработени“.
Од Министерството истакнуваат дека остануваат посветено на обезбедување стабилна финансиска поддршка и партнерства кои носат долгорочни придобивки за заедницата, поттикнувајќи енергетска ефикасност, фискална одговорност и одржлив економски развој.
Аналитика








