Два пакети со по 333 обични акции на „Македонијатурист“ беа купени на официјалниот пазар на Македонската берза. Блок трансакциите се идентични и по цената на акциите и според вредноста, а нивиот вкупен износ е од над 70 илјади евра.
И во двата случаи, според денешната дневна официјална берзанска листа, пакетите се платени по 2.164.500 денари (над 35 илјади евра). Или, по цена за акција од 6.500 денари.
Ова е вторпат во месец мај, во ист ден да се реализираат по два блока со акците на „Македонијатурист“. На 17 мај едниот пакет содржеше 7.167 акции и имаше вредност од 44.077.050 денари, а другиот 1.500 акции и 9.225.000 денари. Тогаш акцијата чинела 6.150 денари, а сите вкупно – над 865 илјади евра. Тие акции ги купил најголемиот акционер Доне Таневски, кој во тој момент ја зголеми сопственоста во „Македонијатурист“ на 21,5 проценти.
Сепак, најголемата вредност на блок трансакција со акции издадени од оваа хотелско-угостителска компанија е забележана на 12 април. Беа платени над два милиони евра за пакет од 20.708 акции (4,58 проценти од основната главнина), по единечна цена од 6.150 денари за акција.