Во земјите од Европската Унија, 9,7% од вработените лица привремено отсуствувале од работа во последниот квартал на 2019 година. Во првиот квартал на 2020 година, процентот е зголемен така што, 12,0% од вработените привремено отсуствувале, што значи зголемување од 2,3 процентни поени.
Меѓу земјите членки на ЕУ за кои се достапни податоците, највисоки стапки на привремени отсуства од работа во првиот квартал на 2020 година се забележани во Франција со 18,1%, потоа Шведска со 16,2% и Австрија со 15,0%, а најниски стапки се регистрирани во Романија од 2,5%, Малта 3,3% и Бугарија 4,4%.
Согласно податоците на „Евростат“, во центарот на вниманието се родовите разлики. Така, мажите и жените во работен однос не биле подеднакво отсутни од работа во првиот квартал на 2020 година.
Во сите земји-членки на ЕУ, освен Кипар, уделот на привремени отсуства од работа бил поголем кај жените отколку кај мажите. Најголема разлика е забележана во Литванија, каде учеството на отсуства кај жените е повеќе од два и пол пати поголемо отколку кај мажите, поточно 17,1% кај жените во однос на 6,5% кај мажите.
Голем јаз помеѓу стапките на отсуство кај мажите и жените е регистриран и во Унгарија и тоа 13,2% за жени и 5,5% за мажи, понатаму Полска со 12,1% за жени и 5,1% за мажи, како и Латвија со 12,0% за жени и 5,0% за мажи.