ПОВЕЌЕ

    ПРИВАТНОТО ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ ДОЖИВУВА БУМ, ланските премии тежат една милијарда денари

    Време зa читање: 4 минути

    Анализа: Дали осигурителите ги боли глава од здравственото осигурување?

    Или македонските граѓани се со многу нарушено здравје или многу сакаат да одат на доктор, и тоа на приватен. Во последните пет години приватното здравствено осигурување во Македонија доживува вистински бум, со раст од 432% на премијата на полисите и од 327% на бројот на склучени договори за овој вид осигурување. Но, од овие бројки се среќни само приватните здравствени установи, затоа што вредноста на исплатените штети по основ на здравствено осигурување од страна на осигурителните компании бележи раст од дури 796%!

    Здравственото осигурување им задава најголеми главоболки на осигурителните компании во споредба со сите други видови осигурителни полиси. „Пари“ ги анализираше годишните извештаи за нивното работење, што ги објавува Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Тие покажуваат дека во 2023 година осигурителните компании за неживот имале бруто полисирана премија од здравствено осигурување во износ од една милијарда денари, а исплатиле штети во вредност од 659 милиони денари. Што значи, 65% од полисираната премија. Тоа е највисок сооднос ако се спореди со другите видови осигурување кои се најприсутни во портфолиото на компаниите.

    И покрај ова, приватното здравствено осигурување доживува невиден раст во земјава, што се должи и на трендот компаниите да им плаќаат приватно здравствено осигурување на своите вработени, како еден вид бенефиција и начин да ја задржат нивната лојалност. Во последните пет години, за пет пати е зголемена вредноста на бруто полисираната премија и за над четири пати бројот на осигуреници. Во 2019 година имале 7.895 склучени договори, а во 2023 година 33.717. Пред пет години вредноста на бруто полисираната премија изнесувала 188,9 милиони денари, а во 2023 година една милијарда денари.

     

    И, како што покажуваат бројките, во овој период многу поголем е растот на бруто исплатените штети од осигурителните компании по основ на здравствено осигирување. Во 2019 исплатиле штети во вредност од 73,5 милиони денари, а во 2023 година од дури 659 милиони денари.

     

    Неофицијалните информации говорат дека АСО и осигурителите веќе дискутирале за овие состојби и главниот „виновник“ го посочуваат кај приватните здравствени установи, кои го искористија инфлаторниот тренд за драстично покачување на цените на здравствените услуги. Доколку овој тренд продолжи да расте, не е исклучено осигурителните компании да воведат франшиза кај здравственото осигурување, што значи дел од трошокот ќе мора да го покријат осигурениците.

    Што најмногу се осигурува во Македонија?

    Иако здравственото осигурување има големи стапки на раст, сепак, далеку заостанува зад вредноста на полисираната премија од автоодговорност, кое е убедливо на врвот, во голем дел и затоа што е задолжително. Вредноста на бруто полисираната премија од автоодговорност во 2023 изнесува 5,6 милијарди денари. Во пет години бележи раст од 22,3%. А, растот на вредноста на исплатени штети за истиот период е 15%, при што минатата година се исплатени вкупни штети во износ од 2,4 милијарди денари.

    На второто место по учеството во вкупната бруто полисирана премија е осигурувањето имот, каде што се вклучени и посевите, плодовите и животните. Тука растот на вредноста на бруто полисирана премија во 2023 во споредба со 2019 година изнесува 31,7%, а на исплатените штети 57,3%.

    На третото место е каско осигурувањето на моторни возила, на четвртото здравственото осигурување, а на петто – осигурувањето од незгода.

    Во 2023 година имало околу еден милион склучени осигурителни полиси за автоодговорност, 769.861 за осигурување од незгода, 149.533 за осигурување имот, 56.990 за каско осигурување и 33.717 за здравствено осигурување.

    ЧИТАЈТЕ И: АНАЛИЗА: БИЗНИСОТ СО ОСИГУРУВАЊЕ НЕЖИВОТ РАСТУРА ВО МАКЕДОНИЈА

    АНАЛИЗА: Бизнисот со осигурување неживот растура во Македонија

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично