ПАРИ – извор на квалитетна и релевантна содржина
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова за шести гувернер на Народната банка во самостојна Македонија го предложи професорот Трајко Славески. Предлогот е доставен до Собранието, каде што треба да биде верификуван од народните избраници.
„Ве информираме дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова до Собранието го достави предлогот проф. д-р Трајко Славески да биде именуван за гувернер на Народната банка. При донесувањето на одлуката, претседателката се водеше од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот. Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати“, соопштија од Кабинетот на претседателката.
И кога се неофицијални, информациите што ги објавува Пари се вистинити. Ова известување од претседателскот Кабинет ја потврди претходната објава дека во наредните седум години со централната банка ќе раководи универзитетскиот професор и актуелен претседател на Советот на Град Скопје. Особено што макроекономијата, фискалната политика и меѓународните финансии се негова потесна специјалност.
Славески е редовен професор на Економскиот факултет при УКИМ, каде што предава макроекономија и државна регулација. Исто така, бил визитинг професор на Државниот Универзитет во Аризона, предавал и на последипломскиот студиум South Easteren European Studies на Националниот и каподистриски Универзитет во Атина.
Во првата влада на Никола Груевски, Славески беше министер за финансии. Како долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ учествувал во изработката на партиските програмски документи на партијата.
По неговиот избор во Собранието, Славески со стапувањето на функцијата ќе мора да истапи од партиските редови, бидејќи Законот за Народната банка вели дека гувернерот и вицегувернерите „за време на мандатот не смеат да бидат членови на политичка партија или синдикат“.
М.А.